Јаху призна дека сите три милијарди корисници биле под ризик од хакирање во 2013 година

Јаху во вторникот откри дека секој од околу три милијарди корисници биле хакирани при кражбата на податоци извршена во 2013 година. Со тоа, проценетата штета на најголемото хакирање во историјата е тројно поголема одошто се сметаше.

Компанијата, која сега е дел од Веризон Комјуникејшнс, минатиот декември објави дека податоците им биле украдени на повеќе од една милијарда корисници во август 2013.

Јаху го презентираше откритието на страницата за безбедност на интернет, вклучена на нивниот веб сајт. Компанијата рече и дека ќе почне да им праќа нотификации на корисниците кои претходно не биле известени за нападот.

Сепак, компанијата вели дека последната истрага покажува дека украдените информации не вклучувале лозинки, кодови за платежни картички или информации за банковни сметки.

„Важно е да се забележи дека, поврзано со најавата од декември 2016 за хакирањето кое се случи во август 2013 година, Јаху презеде акции за да ги заштити сите сметки. Компанијата побара од сите корисници кои не си ги промениле лозинките од времето на кражбата да го направат тоа. Јаху исто така ги поништи неинкриптираните безбедносни прашања и одговори, за да не можат да бидат искористени за влез во мејл“, изјавија од Јаху.