[Интервју] SPANK: Живеењето во Македонија е неисцрпна инспирација

SPANK е битолски панк рок, ска бенд кој е составен од Мирче Пејковски – бас и главен вокал, Влатко Симоновски – гитара и придружен вокал и Иле Лулевски – тапани. Името, како што велат самите низ смеа, настанало по долга дискусија за тоа како да го наречат бендот и долго „шетање“ по телевизиските канали, се до моментот кога конкретна сцена им го привлекла вниманието. Формиран е во 2007-ма година, но по неколку промени во составот и 3 годишна пауза почнуваат од почеток. По повод промоција на новиот албум „One step ahead“ и настапот на „Земјотрес“, разговаравме со членовите на бендот.

[Интервју] SPANK: Живеењето во Македонија е неисцрпна инспирација

Албум , доста свирки и настапи, многу македонски фестивали, и сепак пауза. Зошто?

Искрено, причините за паузата беа лични несогласувања и други обврски што се случуваа во тој период. Сепак гледано ретроспективно, токму таа пауза ни дојде одлично затоа што во тој период собиравме енергија и созреавме музички. Сега работењето на новиот албум се случи толку брзо, што изгледаше како да сме го чекале моментот кога ќе се собереме повторно и ќе почнеме да снимаме.

Кога сме веќе кај новиот албум, како течеше процесот на изработка?

[Интервју] SPANK: Живеењето во Македонија е неисцрпна инспирацијаНајпрво да го поздравиме Даниел Митревски за целиот труд околу снимањето и продукцијата на албумот, и да им се заблагодариме на 69 Records за огромната поддршка и исто така за поканата за настап на Земјотрес – одлично е тоа што сме дел од една поголема панк рок заедница која се труди да направи нешто на македонската сцена. Инаку снимањата започнаа со идејата „ајде да се снимиме и да ги имаме песните, можеби ќе издадеме нешто во иднина“. И така се собра материјалот за “One step ahead” – 9 авторски песни + една преработка на “What a wonderful world” од Louis Armstrong.

Како помина промоцијата? Какви беа првичните реакции од битолската публика?

Промоцијата во Битола, на наше големо изненадување, помина одлично. Имаше многу луѓе и реакциите беа многу позитивни. Имаме идеја за промотивна турнеја низ Македонија и балканот, но се уште немаме конкретни информации кои би можеле јавно да ги споделиме. Плус настапот на Земјотрес ни беше супер шанса да се претставиме пред скопската публика и притоа да го промовираме новиот материјал.

Според ова што го велите за промоцијата во Битола, добивам впечаток дека независната сцена е доста поддржувана таму. Каков е односот бендови-публика-простор за настапи?

[Интервју] SPANK: Живеењето во Македонија е неисцрпна инспирацијаБитола во последниот период тоне во комерцијална музика и настапи на тезга бендови, страшно е колку малку места имаме за настапи.. Постои само еден локал кој излегува често во пресрет на независни артисти, се останато е веќе еднолично. Во 2007-ма година беше поинаку, имаше далеку поголема поддршка, луѓето беа свесни за постоењето на независната музичка сцена, имаше посетеност на настапите. Сега, кога почнуваме од почеток, сфаќаме дека многу генерации поминале, многу работи се промениле и ни треба повеќе труд за повторно да се пробиеме со авторска музика, кај денешната младина која не е навикната на нешто ново и оригинално.

Првиот настап на SPANK во странство се случи минатото лето на Lake Fest во Црна Гора. Како си поминавте таму, какви беа реакциите?

Настапот помина одлично, ние бевме многу задоволни од начинот на кој што беше се организирано. Публиката исто така се забавуваше, мислам дека успеавме да им пренесеме голем дел од нашата енергија на нив. Соработката со организацискиот тим на фестивалот продолжи, тие се всушност првите кои ја начнаа идејата за промо турнеја низ балканските земји.

Преку искрените текстови, зборувате од името на една генерација која е соочена со многу проблеми во македонското секојдневие. Дали вашите лични искуства се главниот извор на инспирација за песните?

Животот во Македонија е еден голем извор на инспирација. Толку многу проблеми се случуваат што едноставно не постои можност да не се мотивираме или изреволтираме од нешто што ни се случува на нас или непосредно на нашите блиски. Се додека живееме овде, ќе имаме за што да твориме.

Јована Ѓорѓиовска