[Интервју] Милица Шкиљевиќ, НМСС: Системот нè учи да молчиме, но наше е да сме гласни

Младите во Србија и Македонија, заглавени во една бескрајна транзиција, споделуваат безмалку исти проблеми – од исклученост при донесување на одлуки на секое ниво, па сè до етикетирање на оние што решиле да го кренат својот глас. Според Милица Шкиљевиќ, од Националниот младински совет во Србија, потребни се системски промени, односно државата конечно да почне да ги слуша и разбира потребите на младите.

Таа беше дел од конференцијата посветена на вработеноста кај младите, а организирана од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ). Непосредно пред настанот, Радио МОФ разговараше со неа за тамошниот младински активизам, но и за хајките против невладиниот сектор.

Младите во Србија и Македонија делат многу случни проблеми. Како функционира младинскиот активизам кај вас?

Во Србија е слично како и во Македонија. Имаме чадор организација која обединува 92 организации, младински и за млади, кои се распространети низ целата територија на државата. Тоа значи дека има над 160 илјади млади кои членовуваат во тие организации, но тоа во споредба со речиси милион и половина млади луѓе во Србија, не е ни приближно до она што би требало да биде.

Во однос на активизмот, за жал, веќе пет години се обидуваме да го поттикнеме прашањето за што поголема вклученост на младите при донесување на одлуки.

Младите во Србија и Македонија се будат, барем така покажаа неодамнешната Шарена револуција и иницијативата „Не да(ви)мо Београд“. Како да се зајакне бунтовноста и нивниот глас со цел властите да ги слушнат, наместо да ги игнорираат?

Тука мора да се прашаат и родителите и образовниот систем. Семејството го учи детето да молчи, дека не треба да го крева гласот, бидејќи не се знае дали утре ќе имаат некаква сигурност, која кај нас не е никако загарантирана, ниту за работа, ниту за образование. Така што, ако се подигне гласот, автоматски се подразбира дека некој ќе ве казни на крај.

Во ред е да се подигне гласот, во ред е да не се согласуваш со државната политика, или со одлуката на некоја институција. Но, тоа е нешто што мора системски да се промени. Наше е да реагираме и да – треба да го кренеме гласот. Ние на пример, имаме одлична соработка со државни институции како што е Министерството за млади и спорт, но тоа не значи дека ние сме им продолжена рака. Мораме да ја зачуваме независноста. Тоа е тој тест за демократија на Балканот, институциите сè уште не ги слушаат граѓаните.

Во моментов владее клима на недоверба, па и пресметка со невладиниот сектор во Македонија, преку таканаречената „десоросоизација“, насочена и кон критичните медиуми. Слична ситуација има и во Турција и во Унгарија. Во последно време и во Србија има таква атмосфера. Како вие гледате на ова и како се справувате со ситуацијата?

Искрено, тоа е нешто што нам не ни е потребно. Невладини организации и поединци кои се активни во одредени друштва се ставаат на столбот на срамот. Мислам дека ние не смееме да реагираме на тоа, да одговараме на тие обвинувања, бидејќи нив секогаш ќе ги има. Ние не сме до толку развиен народ за да разбереме зошто воопшто постои граѓанскиот сектор и невладините организации. Сметам дека треба да се обратиме токму до граѓаните, за да им кажеме што ние работиме. Младинскиот форум, или која било друга организација, треба да им објасни, бидејќи кога луѓето ќе сфатат на кои проблеми одговараме и на кои целни групи се обраќаме, мислам дека ќе се одалечат од тоа незадоволство. Но, од друга страна мораме да ги држиме одговорни и донесувачите на одлуки, институциите. Не можете така да се обраќате кон еден важен сегмент во општеството.

Темата на конференцијата е за вработеноста, или поточно, за невработеноста. Тоа некако оди рака под рака со иселувањето на младите од овој регион. Според тебе, како да ги задржиме младите во земјите и како да им се најде квалитетна работа?

Ако одговорам на ова прашање, јас би била милионерка уште утре. Мора прво да пристапиме меѓусекторски, ние досега одговаравме само на поединечни проблеми. Никогаш не седнуваме на маса со властите, не постои заедничко решение, туку сите некако целиме на различни страни, а проблемот останува ист.

Она што мора да го направиме е да го реформираме образованиот систем. Образованието во нашиот регион е на многу низок ранг, кога се зборува за пазарниот труд. Ние никако не ги спремаме младите за утре да знаат како да се однесуваат за она што ги очекува. Ние денес имаме млади кои откако ќе завршат средно училиште и факултет, имаат нереални очекувања. Јас разбирам некој да очекува да има висока плата, но тоа е невозможно. Ситуацијата е таква каква што е.

Второ, ние само зборуваме за вештините, воопшто не споменуваме дека неформалното образование им помага да ги стекнат тие вештини кои денес повеќе се бараат, отколку формалното образование. Сè уште имаме голем број на млади кои само сакаат постојана работа, во државна администрација, и точка. Тоа денес не функционира така.. Немам решение, но мислам дека мора да се почне од образованието. Мора да се воведе кариерно советување во училиштата, мора да се воведе стручна пракса за младите, бидејќи тоа во светот се покажа како добар механизам.

Вие сте дел од Управниот одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка. Изборот за македонски претставник помина со протест и низа реакции поради мешање на државната Агенција за млади и спорт. Колку сте запознаени со случајот и кој е вашиот став?

Ние во Србија добивме информација за тоа, НМСМ реагираше до сите организации за постапката со која се избра македонски преставник. Како партнер на НМСМ, сметаме дека секогаш мора процесите да бидат транспарентни, да се испочитуваат процедурите. Моето искуство како дел од Управниот одбор е нешто сосема друго од целата таа ситуација, бидејќи јас во Одборот гледам само личност која е делегирана од Р. Македонија, во име на младите. Тоа се две страни од таа приказна и јас како Милица, можам да има различни ставови, но секогаш мора да инсистираме на тоа дека постојат јасни правила и процедури.

Но, какво е чувството да се знае дека до вас во Одборот седи претставник за кој се тврди дека е нелигитимно избран?

Најголем проблем во тој Одбор е неразбирањето помеѓу младите, од една, и државата, од друга страна. Ние немаме воспоставено добра комуникација меѓу нас. Но, затоа постојат нови процеси, учиме од нив и од грешките.

Даниел Евросимоски