[Интервју] Јос Ферхуфен: Идејата за урбанизација на Студенчишко блато е докажано погрешна

Студенчишко блато со карактеристичниот биодиверзитет има огромна вредност, а негово евентуално изчезнување би имало влијание и на природните процеси за прочистување на водата во Охридско Езеро, смета претседателот на Европскиот разгранок на Светското друштво на научници за блатни еко-системи Јос Ферхуфен во интервју за Радио МОФ.

Проф. д-р Ферхуфен е експерт за блатни еко-системи. Тој од 15 до 19 мај е во земјава на серија предавања и средби. Радио МОФ го интервјуираше за природните фунции на Студенчишкото блато, на кои долги години му се заканува урбанизација, додека научници и активисти неуморно бараат ревитализација и трајна заштита.

Во 50-те и 60-те години на минатиот век, крајбрежјето на Охридско Езеро било обраснато со неколку блатни станишта. Студенчишко блато е едно од нив. Блатата имале огромна улога – да го спречуваат и урамнотежуваат внесот на материите од Галичица, Струшкото поле, Јабланица итн. Со оглед на вашите искуства, да ве прашам дали токму тоа е примарната улогата на блатата во езерските екосистеми, да бидат своевиден „филтер“ на водите?

Toa e навистина нивната голема улога. Ги земаат хранливите материи и други загадувачи од водата што тече низ нив, а со тоа го подобруваат квалитетот на езерската вода. Иста така, блатата имаат богат биодиверзитет, особено поради тоа што добиваат варовнички води (Билјанини извори), што создава голема разновидност на растенија и животни. На крајот, блатата се регулатори на климата со складирањето на јаглерод. Студенчишко блато е вид мочуриште (fen), што значи има тресетна почва со голема количина органски материи.

Доколку Студенчишко блато целосно се урбанизира, односно го снема, што во тој случај ќе изгуби најстарото езеро во Европа, но и граѓаните и државата? Дали во опасност е можеби и статусот на УНЕСКО?

Најстарото езеро во Европа ќе ги изгуби последните блатни станишта со сиот нивен карактеристичен биодиверзитет. Исто така, ќе го изгуби тоа што природно ја прочистува водата која влегува во езерото. Тоа додава уште еден на многуте стресови на езерото, кои заедно претставуваат сериозна закана за неговиот интегритет.

Домашните поддржувачи на идејата за урбанизација често користат аргумент дека Студенчишко блато е целосно деградирано, неуредено, па затоа е „плодно место за инвестиции“. Дали воопшто е логично да се поврзува поимот „уредување“ на природно блато со подигнување разни градби, бекатон-патеки или дрва увезувани од странство?

Идејата дека блатата се отпадни локации кои подобро да се исушат и развиваат, е стара идеја која се докажа како погрешна. Постојат многу докази дека блатата се шампиони во „екосистемски услуги“, важни вредности за човештвото предивикани од функционирањето на екосистемите. Блатните екосистемски услуги вклучуваат производство на риби и водни птици, обезбедуваат мрест и засолниште за разни видови риби, свежа вода, заштитуваат од поплави, ја регулираат климата и го подобруваат квалитетот на водата. Дополнително, тие се јадра на разновидност. Екосистемските услуги се проценети на монетарна основа и блатата во тој поглед се меѓу највредните екосистеми.

Како најчесто се регулирани блатните системи, со цел нивна заштита од градежни и економски апетити?

Во склоп на ЕУ, директивите за живеалишта и птици, исто така заедно со легислативата Натура2000 се моќни инструменти за заштита на блатните станишта. На глобално ниво е Рамсарската конвенција, која вклучува 186 нации заедно Република Македонија, со цел заштита на блатата на светско ниво. Секоја од земјите има назначено мочуришта со интернационална важност и строга заштита. Македонија има две блата во Рамсар. Назначување на Охридското Езеро би било голем чекор напред.

Освен заштита со конвенции и разни документи, дали можеби е нужен и поинаков пристап до пошироката јавност, со цел да ја прифати еколошката димензија како приоритет наспроти краткорочни неодржливи решенија?  

Многу е важно да се едуцира јавноста за уникатноста на Охридското Езеро и неговите последни преостанати блата. Центар за посетители близу Билјанини извори, кој ќе го вклучува езерото, блатото и изворите, би можел да биде дизајниран за посетителите да погледнат изложби, чекорејќи по природна патека и доживувајќи ги овие вредни области.  

Повеќе експерти и биолози посочија дека туризмот не опфаќа само сончање на плажа, туку и целогодишен активен одмор со набљудување птици, цицачи, посета на локалитети со биолошка разновидност, со ретки или растителни заедници… Дали Студенчишкото блато во Охрид, а воедно останатите блатни системи имаат ваков туристички потенцијал?

Да, имаат поприлично. Конкретно Студенчишко блато може да биде одбележано како што објаснив во претходниот одговор. Исто така да се гледа и од перспектива на останатата природа богата со видови, како Националните паркови Галичица и Преспа.

Бојан Шашевски