И Твитер забранува реклами на криптовалути

Социјалната мрежа Твитер ќе ги забрани рекламите на криптовалути на својата платформа.

Американската компанија ќе ја објави одлуката во наредните две недели, откако се предвидува сите реклами поврзани со виртуелни валути, берзи и ИКО (Initial Coin Offering) процедури да бидат забранети, но ќе се дозволат минимални исклучоци.

Твитер стана популарна платформа за промовирање на криптовалутите и „блокчеин“ технологијата, вклучувајќи ја и промоцијата на ИКО процедури.

Информациите дека Твитер ќе ги забрани рекламите, доаѓа откако претходно овој месец извршниот директор и основач на социјалната мрежа Џек Дорси посочи дека ќе стори се за да ги сопре измамите со криптовалути на платформата.

Претходно, Гугл и Фејсбук воведоа забрана за реклами поврзани со крипто-валутите.

Фејсбук објави во почетокот на оваа година, преку објава на својот официјален блог дека ги забранува сите реклами кои се поврзани со примарната понуда на дигитални средства, бинарни опции и крипто валути.

Гугл, исто така, најави минатата недела дека ги додава криптовалутите во листата со забранети теми за реклама од месец јуни 2018 година, што ќе стави крај на рекламирањето на онлајн берзи за трговија и ИКО.