Хелсиншки: 42 млади притворени за учество на протестите во Скопје

Од досегашните информации со кои располага Хелсиншкиот комитет за човекови права, во полициски станици досега завршиле околу 42 млади луѓе кои учествуваа на протестите во Скопје, од 5 мај наваму.

Од вкупно 42 уапсени студенти, 12 лица се во притвор, едно лице е во куќен притвор, едно лице е во бегство, а за три лица се чека да бидат изведени пред судија на постапка по која ќе се одлучува дали ќе им биде одреден притвор.

Од притворените лица, седуммина се студенти, од кои две лица се членови на Студентскиот пленум. Лицата се осомничени за „учество во толпа што спречила службено лице во вршење службена должност“.  Казната за ова кривично дело е од три месеци до три години, поради што се смета за полесно кривично дело, за кое во принцип не треба да биде определена мерката притвор, туку треба да бидат искористени останатите алтернативни мерки за обезбедување на присуство, сметаат од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму дополнително информираат дека вчера биле приведени четири лица, од кои едно е пуштено поради тоа што е малолетно. Останатите три лица во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред судија.

„Комитетот смета дека ваквите одлуки влијаат на ограничување на правото на протест, особено поради фактот што како причина за притворот е наведено дека притворените можат да го повторат кривичното дело со оглед дека има нови најавени протести“, велат од Хелсиншки комитет.

На денешната прес-конференција на коалицијата „Граѓани на Македонија“, одржана пред Владата, загриженост за притворените студенти искажа и универзитетската професорка Билјана Секуловска – Габер.

„Оваа влада стави рака врз образованието, го уништи од основното, преку средното, до високото образование навлегувајќи длабоко во автономијата на универзитетот. Оваа влада ги затвори најслободоумните учесници на Студентскиот пленум“, рече Секуловска.

Претходно, Студентскиот пленум, но и неколку граѓански здруженија потврдија дека деветмина студенти се уапсени за „учество во толпа“ на протестот на 5 мај. Од нив, на осуммина им е изречена мерка притвор и тие веќе пет дена се наоѓаат во затворот „Шутка“, додека на еден студент му е одредена мерка куќен притвор. Неофицијално, бројката на приведени студенти, членови на Студентски пленум, во меѓувреме се искачила на 13. На вчерашниот протест на движењето „Протестирам“ во Скопје, граѓаните побараа ослободување на сите уапсени поради протестите.

Повеќе од 70 организации, членови на коалицијата „Граѓани на Македонија, меѓу кои и Хелсиншкиот комитет, побараа неотповиклива оставка од целата Влада и формирање на нова, експертска Влада, не само поради приведените студенти, туку и поради ширењето на културата на омраза и насилство. Оставка побараа и поради погазените права и достоинство на жените, на хомосексуалците, на Ромите, на Албанците и на сите помали етнички заедници, поради погазувањето на автономијата на универзитетот, поништувањето на достоинството на стечајците и на сите работници во оваа држава, како и поради континуираното игнорирање на сите граѓани и нивните барања за учество на донесувањето одлуки.

„Оваа држава нема да ја градиме на страв и на насилство. Време е овој режим да падне за да почнеме да се занимаваме со политика, со демократија и да ги бараме нашите слободи на достоинствен и демократски начин“, изјави Славчо Димитров од Коалицијата за права на маргинализирани заедници.

Според граѓанскиот активист и новинар, Петрит Сарачини, оваа власт, години наназад воопшто не ги слуша и не ги адресира барањата на граѓаните. Напротив, тој смета дека нејзиниот начин на дејствување е тоталитарен и апсолутистички.

Претставници на десетина организации, здруженија и иницијативи, денеска повикаа на мирен и ненасилен протест во недела (17 мај), со кој ќе побараат општеството да се врати во рацете на граѓаните.