Груевски ветува бесплатен викенд воз за млади, перални, фитнес зони

Пет нови проекти за младите вети лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски во денешното обраќање пред членовите на Унијата на млади сили на својата партија.

Тој им вети бесплатен железнички викенд за млади до 27 години, бесплатна обука за основни компјутерски вештини и странски јазици за млади до 29 години, изградба на перални и сушални во студентските домови, фитнес зони во градовите и нови читални.

Бесплатниот железнички викенд, според најавите, младите ќе може да го користат секоја прва и трета недела од месецот за време на викенд. Пристап пак до бесплатните курсеви ќе имаат 2.000 млади и тоа за компјутерски вештини и учење англиски,германски или француски јазик. За сите државни студентски домови Груевски ветува 50 машини за перење и 50 машини за сушење алишта. Новите проекти ќе вклучуваат и изградба на фитнес зони во градските паркови на отворено во 18 градови, како и читални во Струмица, Аеродром и Велес.

На ваквите најави преку соопштение реагираа од опозициската СДСМ. Оттаму велат дека Груевски не може да се помири со фактот што повеќе не е премиер, како и дека„ лажните и лицемерни ветувања на Никола Груевски во името на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажуваат дека нема капацитет да разграничи што е држава а што партија“. Студентите не му веруваат на Груевски, реагираат од СДСМ и додаваат дека поради огромната невработеност и нискиот животен стандард, секој втор млад човек сака да ја напушти државата.