Груевски повторно со нови ветувања за младите

Седум нови проекти за младите вети претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во неговото обраќање денеска пред членовите на Унијата на млади сили на својата партија.

Тој им вети поедноставување на административните процедури, намалување за 50 осто на партиципацијата за студентите од државните факултети со кофинансирање, доколку имаат просек над 8,5, отворен базен во Шуто Оризари, нова гимнастичка сала и терен за тенис.

Првиот проект е наречен „Еден клик“, кој според најавите, ќе почне да се спроведува на почетокот на 2017 и ќе чини 18 милиони денари. Со едноставно логирање секој регистриран корисник ќе има можност за пријавување испит, заверување семестар, плаќање такси.

Вториот проект е „Промена на студентскиот статус“, со кој на студентите од државните универзитети со кофинансирање ќе им се овозможи да им се намали партиципацијата за 50 отсто доколку го постигнат планираниот просек. Еден студент запишан со кофинансирање од 400 евра годишно, по завршена втора студиска година на прв циклус студии, по положувањето на сите испити ако има просек над 8,5, тогаш ќе биде префрлен во државната квота и понатаму ќе плаќа за 50 отсто понизок надомест во останатиот период за студирање. Проектот ќе почне да се спроведува од септември 2017 година.

Третиот проект, кој го најави Груевски, е организирање саем на средношколски иновации, кој ќе го спроведуваат Министерствата за образование и наука, за економија, Фондот за иновации и технолошки развој, општините и Бирото за развој на образованието.

Сите млади иноватори, од основните и средните училишта, врз основа на јавен повик еднаш во текот на годината ќе имаат можност да добијат финансиска и логистичка поддршка за промоција и реализација на својата идеја. МОН и Фондот за иновации и технолошки развој ќе вршат рангирање на пристигнатите апликации. Најдобрите 50 проекти, 25 од основни и 25 од средни училишта, ќе добијат менторска поддршка од три месеци, како и финансиски надомест којшто ќе се искористи наменски. Саемот ќе се спроведува од 2018 година.

Четвртиот проект е изградба на отворен пливачки базен во општина Шуто Оризари, чиј носител ќе биде Агенцијата за млади и спорт. Ќе има голем, мал и еден базен за одмор и релаксација. Градбата ќе почне во октомври 2016, а вредноста е 45 милиони денари. Груевски додаде дека оваа идеја дошла на барање на граѓаните.

Петтиот проект што тој го најави денеска е спортска сала за Факултетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, која ќе почне да се гради во 2017 година преку МОН. Подготвителните активности за утврдување на точната локација и изградба на архитектонско-урбанистички проект веќе се почнати, соопшти Груевски. Тој најави дека во Охрид ќе почне и изградба на нова спортска сала во едно од училиштата во градот.

Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, пак, ќе добие затворена тениска арена и гимнастичка сала, кои се шестиот и седмиот од најавените проекти денеска.

Во изминатите два месеца Груевски промовираше вкупно 27 проекти за младитеа. Претходно, тој вети бесплатен железнички викенд за млади до 27 години, бесплатна обука за основни компјутерски вештини и странски јазици за млади до 29 години, изградба на перални и сушални во студентските домови, фитнес зони во градовите и нови читални.

На овие најави, преку соопштение реагираа од опозициската партија СДСМ. Тие велат дека претседателот на владејачката партија не е веќе премиер но „во страв, немоќ и очај се обидува да глуми нешто што одамна не е“.

„Наместо да бега од јавноста и од новинарите, Никола Груевски денеска требаше да се појави пред зградата на Владата и да ја види најболната слика, колку чевли останаа неизносени. 626.312 граѓани се иселиле од земјава, пред се млади, образовани луѓе. Младите заминаа од Македонија поради лошите, криминални политики на Никола Груевски, што ги оставија младите без работа, без егзистенција“, велат од СДСМ.