[Галерија] Трет протест против полициската бруталност

Силно полициско обезбедување не ги пушти граѓаните кои излегоа на денешниот, трет протест за правда за Мартин Нешковски, да се приближат до Владата. Револтирани од ваквиот однос, откако на полициските службеници им поделија гумени бомбони за да им го честитаат денешниот празник на полицијата, демонстрантите се упатија кон Јавното обвинителство.

Претходно тие на полицајците им го прочитаа членот 21 од Уставот, кој вели дека секој може да протестира без најава. Тие ги повикаа да ги фрлат штитивите и пендреците и да им се придружат.

„Уставот и вчера и денеска се прекршува“, порачаа демонстрантите пред Влада, по што со скандирање „Нема правда , нема мир“, и „Стоп за полициската бруталност“ тргнаа кон Обвинителството.

Ова е трет протест против полициската бруталност, кој се одржува секој ден во шест часот попладне. И на вчерачниот протест, полициските кордони не им дозволија на демонстрантите да се приближат до Владата, по што тие се упатија и протестираа пред Собрание.