[Галерија] 18 години Таксират – 18 години љубов, музика и поразлично Скопје

Илјадна публика пееше во еден глас, а концертот на Архангел како да го врати Скопје во некое друго, малку подзаборавено и поубаво време минатата вечер на Таксират 18. Разиграни до утрото, присутните – и стари и млади, уживаа во најпознатите песни на македонските великани, под мотото дека македонски звучи супер.

Откако атмосферата ја загрејаа овогодинешните победници на Лузер Фест, Contact 59, а публиката почна да се собира во сè поголем број, следуваше енергичниот настап на рап легендите Чиста Околина.

Потоа, на ред дојдоа Санаториум, на кои им се придружи и Џоле од Smut, а салата „грмеше“ целиот настап. Добропознатите металци на Таксират не настапуваа прв пат, напротив – тие беа дел и од „првата постава“ пред 18 години, а со тоа и еден од двата бенда кои синоќа го испратија фестивалот во „полнолетство“ и ги заокружија сиве години кои постои.

Битолскиот бенд Фолтин, кого имам чест и задоволство да кажам дека го гледав во живо по 27-ми пат, а ниту еднаш не ми било помалку или повеќе прекрасно од претходниот настап, ја „возвиши“ публиката во друга димензија. Или барем мене, бидејќи сум непоправливо заљубена во нив. Публиката пееше во еден глас на нивните најпознати хитови, а оние како мене, фанатиците, со затворени очи и отворени срцаа уживаа во секој уникатен звук од нивната чудна козмичка симфонија, која му дава некоја смисла на постоењето.

img_7545

img_7540Токму таа атмосфера успешно ја поставија за најочекуваните минатата ноќ – Архангел. Иако во нов состав, новиот Архангел „го преврте Скопје наопаку“. Скопје не беше сивото, студено и стерилно Скопје на кое за жал се навикнавме во изминативе години. Скопје беше некој друг град, во кој ни јас никогаш не сум живеела – градот од „Рубин кармин“ во кој и лицата и улиците биле насмеани.

Архангел до минатата вечер за мене беа мит, религија која никогаш доволно не сум ја научила. Иако и претходно сум ги слушала во живо, тоа не беше ни пола од она што го очекував. Но, токму поради тоа, минатата ноќ ги надминаа сите мои очекувања и на мене и публиката ни подарија и повеќе одошто очекувавме – една голема душа составена од илјадници тела и грла, кои сочинуваат една „небесна машина“. А „Заумна сила“ направи Метрополис Арена и сите во неа да бидеме и точка и цела вселена.

img_7504

img_7598

Во настапот кој траеше повеќе од два часа, Ристо Вртев и новиот негов бенд си играа со стиловите, импровизираа, понекогаш нè оставаа збунети со подотворени усти, но за 18-тиот роденден на Таксират му ја подарија една од најмагичните ноќи досега. Фестивалот можеби изминатите 2-3 години не беше она на што сме навикнати, но годинава се врати на одличен пат, и сега знаеме дека македонски звучи подобро од многу други „увозни“ бендови.

Вечерта ја „спакува“ Кирил Џајковски со извонредната TK Wonder, кои ја задржаа публиката на подиумот, иако верувам дека нозете не ја држеа од скокање и играње од претходните бендови. Забавата продолжи во Капан Ан, но без мене. Којзнае, можеби сè уште трае.

До наредниот Таксират, сега голем и зрел!

img_7645

Стефанија Тенекеџиева