[Фото] Отпадот се депонира под секое ниво, граѓаните со трајни последици од загаден воздух и почва

„Општиот заклучок врз база на податоците од истражувањето за состојбата со депонирањето на сметот и правната регулатива е дека во Република Македонија депонирањето на отпадот се врши под секакво ниво, дека е супстандардно, и речиси не се почитува ниту една законска норма која се однесува на ова прашање. Од вкупниот број на општини, 42 користат локални депонии за комунален и друг вид на отпад, при што ниту една не поседува интегрирана еколошка дозвола, односно не ги исполнува законските стандарди, Регионални депонии користат 14 општини, а 11 (претежно помали рурални) општини не користат локални ниту регионални депонии“.

Ова, меѓу другото, го рече заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа на прес-конференцијата на која беше презентирано посебното истражување за „Состојбата со депионирањето на отпадот во Република Македонија“.

Според Бајрамовска-Мустафа управувањето со цврстиот отпад во Македонија е неефикасно, а последиците од загадениот воздух, почвата и водата го чувствуваат сите граѓани.

„Загрижува појавата посебно во помалите населени места, собраниот отпад едноставно да биде фрлен на отворен простор, а надлежните служби за тоа да не реагираат. Исто така, загрижува тоа што на исто место се меша и депонира различен вид отпад (индустриски, опасен медицински отпад и отпад од домаќинствата), а откако празниот простор се пополнува, депонијата се напушта (без никакво затворање) и се избира и експлоатира друга локација. Искрено се надевам дека ова истражување ќе биде сериозно разгледано и од страна на општините, кои во случајот се најважната алка во решавање на проблемите со управување со отпадот“, рече Бајрамовска-Мустафа.

По теренскиот увид, од Народен правобранител велат дека регионалната депонија „Дрисла“ е единствената во земјата која поседува интегрирана еколошка дозвола.

„На влезот на депонијата која е целосно оградена, се врши мерење на камионите со смет, како и нивно дезинфицирање пред напуштање на депонијата. Тука се врши селекција на отпадот, а депонијата располага и со филтри за собирање на исцедокот кој се создава од депонираниот смет“, стои во документот заедно со фотографија од Дрисла.

Депонија покрај локален пат во предградие на Гостивар

Регионалата депонија „Русино“ каде што се депонира отпадот од гостиварскиот и тетовскиот регион се наоѓа надвор од градот. До неа нема асфалтен пат. Она што може да се забележи, стои во документот, е дека во неа се селектира само пластичниот отпад, се пакува во бали, а останатиот отпад се полага на земја и потоа се посипува со земја и се рамни.

Со оглед на фактот што Тетово не располага со сопствена локална депонија, сметот се депонира во регионалната депонија „Русино“ или понекогаш дури се носи и во „Дрисла“. Во Тетово функционира таканаречена претоварна станица, која се наоѓа на влезот од градот. Таа не е оградена и до неа секој има непречен пристап.

„Имајќи предвид дека тука се собира големо количество на смет што е невозможно целосно да се транспортира до регионалата депонија, честопати сметот се пали, што предизвикува енормно загадување на воздухот во градот“, забележува Народниот правобранител.

Депонирањето на отпадот во Кичево се врши надвор од градот во близина на ТЕЦ „Осломеј“. Според увидот, купишта смет има веќе по самиот пат кој води кон депонијата, кој само делумно е асфалтиран. Сметот тука не се рециклира, туку се остава, се посипува со земја и се рамни со багери. На оваа депонија, велат од Народен правобранител, може да се забележат старите места каде се депонирал сметот кои заради преполнетост сега се напуштени.

Депонијата во Охрид се наоѓа надвор од градот во месноста „Буково“. До неа води асфалтен пат, местото е оградено, на влезот има рампа која не функционира и местото повеќе наликува на брдо од смет отколку на локација каде што се депонира отпадот.

Депонирањето на сметот во Гевгелија се врши на место кое е релативно блиску до градот, забележува Правобранителот, а кое не е обележано. До него пристапот е отежнат со оглед на тоа што нема асфалтен пат. Местото е отворено, не е оградено нема ниту рампа, ниту чуварска служба.

Градската депонија на Куманово се наоѓа надвор од градот. До ова депонија има пристапен асфалтен пат, истата е оградена и има чуварска служба. По депонирањето на сметот тој се покрива со слој од земја, која потоа се рамни и набива.

Според Правобранителот, состојбата со депонирањето на сметот во Кочани по ништо не се разликува од останатите супстандардни депонии во земјата. Единствено нешто што укажува дека станува збор за депонија е сметот и чадот од неговото палење. Местото се наоѓа надвор од градот, но не е оградено ниту има чуварска служба.

Местото каде што се депонира сметот од Штип се наоѓа надвор од градот. И тука „стандардно“ како и во другите локални депонии сметот се остава, се посипува со земја која потоа се рамни со багери.

„До депонијата води асфалтен пат, истата е оградена, а местото е означено како депонија“, пишува во увидот.

Сметот во Струмица се депонира надвор од градот во месноста наречена „Добрушино“. Она што може да се забележи од направениот увид е дека до депонијата има асфалтиран пат. Местото е обележано, има рампа и ограда. Тука сметот не се селектира туку се посипува со земја и местото потоа се рамни, вели Правобранителот.

Фото: Народен правобранител
Б.Ш.