[Фото] Нов ден, нова блокада во Битола

Битолчани и денеска од 15 часот продолжија со блокадата на патот кон РЕК Битола, како револт против високото загадување и индиферентноста на надлежните инсититуции кон овој горлив проблем.

Граѓаните протестираа со транспарент и натпис „S.O.S“. Симболично беа поставени и бели дробови, кои алармираат за опасностите од аерозагадувањето. Придонес во блокадата даде и возило-играчка од дете кое има изгубено свој близок.

Здружението „За нас се работи“ веќе презентираше меморандум со две барања до локалната и централната власт – воведување посебен режим на сообраќај од 18 до 1 часот по полноќ (забрана за автомобили во централното подрачје во тој период), а главното барање до владата е да се тргне ангажинатата моќност од сметките за електрична енергија, се’ до реализирање на најавената гасификација. Ова значи, да се субвенционира 30 отсто, односно граѓаните да плаќаат 70 отсто од потрошената струја додека не се најде алтернативно решение за греење на домаќинствата.

Битолчани чекаат овој меморандум да биде потпишан од сите 11 коалиции и партии – доколу бидат дел од идната власт, во тој случај да ги спроведат барањата. Блокадата треба да продолжи и утре.

Денеска со соопштение се појавија и од РЕК Битола. Сметаат дека најавите за целосна блокада на Рударско енергетскиот комбинат е „опасна авантура што може да предизвика тешки последици по енергетската стабилност на државата,  имајќи во предвид дека станува збор за најголемиот капацитет за производство на електрична енергија во Република Македонија“.

„Овој чин го сметаме како напад врз стратешка цел, особено затоа што се спроведува во услови кога рударско енергетскиот комбинат се подготвува за работа во зимски услови. Уште повеќе зачудува тоа што барањата кои ги поставува ова Здружение најмалку се однесуваат, се во надлежност, или пак зависат од работата на РЕК Битола“, соопштија од РЕК „Битола“.

Од таму тврдат дека резултатите од мерењата на квалитетот на амбиенталниот воздух во околината на РЕК„Битола“ редовно се извршувале на три пункта во околината на комбинатот, и покажувале вредности кои се во рамките на дозволените граници. Ваквите измерени вредности, велат тие, редовно се доставуваат до надлежните институции.

Од Здружението „За нас се работи“, пак, рекоа дека оние што протестираат немаат ништо против вработените од РЕК „Битола“, туку револтот е насочен кон надлежните органи кои треба соодветно да си ја вршат работата и да наоѓаат и спроведуваат решенија за енормноtо аерозагадување.

Б.Ш.