Ечат „бомби“ пред Собрание, активистите порачуваат: нема да ви помине!

Да ги забраниш  бомбите е како да забраниш да се читаат страници од некоја книга“, истакна активистот Никола Писарев во своето обраќање пред Собранието, на вечерашниот протест поради вчерашниот предлог закон со кој се забранува објавување и поседување на прислушуваните материјали.

Неколку стотини граѓани излегоа на протестот, организиран од граѓанската иницијатива „Ајде“,  против озаконувањето на цензурата.

Нема да ви помине, бомбите се нашата вистина, се обрати пред присутните активистката Билјана Бејкова.

„Треба да останат таму каде што се и сите да бидат објавени. Тие се доказ како овие девет години власта ги кршела законите и го нарушувала дури и нашиот живот. Јас ја имам мојата папка . И дури и да биде донесен законот, јас таа папка нема да ја вратам туку ќе ги тужам бидејќи овој закон е за да гo сокријат она што го направиле. Ние можеби девет години чекавме, ама нема повеќе. На оваа власт мора да и биде јасно дека треба да си замине“, рече Бејкова.

Просторот пред Собранието ечеше од бомбите кои се пуштаа на големиот разглас. Граѓаните со транспаренти на кои беше испишано „Цензурата е забранета“, го искажаа својот револт од најавите за носење противуставни закони.

„Од една страна имаме гарантирање на права и слободи, а од друга страна ја имаме оваа институција која се обидува да го протне тој штит од закон со кој сите што ги објавуваат и пренесуваат бомбите ќе лежат во затвор. Но, ние не треба вината да ја бараме кај нив. Затоа пораката е до три места – Европската комисија, ЕУ и меѓународната заедница за договорот од Пржино. Нема откажување, нема подлегнување на евтини реторики . Нашите барања се јасни. Со еден потпис и гласање нема да ни ги затворите очите. Овој народ има мозок, има душа, и нема да му ја земете“, порача во своето обраќање Павле Богоевски од „Ајде“.

Предлогот законот со кој се забранува објавување и поседување на прислушуваните материјали т.н бомби вчера во Собранието го поднесоа пратениците на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Голем број граѓани, во знак на револт почнаа да ги споделуваат „бомбите“ на социјалните мрежи. Осуда стигна и од новинарските здруженија.