Две деца минатата недела починале од грип, сè уште висок е бројот заразени

Две деца на возраст од 3 и 4 години, од Кичево и Гостивар, починале во случаи поврзани со грип во првата недела од оваа година, откако биле хоспитализирани на Одделот за интензивна нега на Клиниката за детски болести – Скопје, стои во извештајот за состојбата со грипот во Македонија на Институтот за јавно здравје.

Од Институтот информираат дека во текот на првата недела од 2017 година, пријавени се 8.067 новозаболени лица заболени од грип, што претставува намалување од 14,9% во споредба со претходната недела кога беа пријавени 9.485 случаи.

Извештајот наведува дека бројот на пријавени случаи и оваа недела ја надминува границата на многу висока активност на сезонскиот грип.

Статистички, најголем број новозаболени од грип се забележани на подрачјето на Кавадарци (1.775 случаи на 100.000 лица), по што следуваат Струмица (987/100.000) и Битола (914/100.000).

Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 1 недела 2017 – Институт за јавно здравје

„Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи на грип укажуваат на ран почеток на сезоната, а неделниот број и понатаму се одржува над границата на многу висока активност (прв пат по пандемската сезона 2009/2010). Оваа недела, на територија на 15 ЦЈЗ/ПЕ се регистрира многу висока активност. Намалениот број на случаи во споредба со претходната недела се должи на намалениот број на случаи кај децата од 5-14 години, што може да се објасни со почетокот на зимискиот распуст. Иако зимскиот распуст на училишта може да го ублажи интензитетот на ширење на грипот, сепак се очекува високиот број на случаи да се одржува и во наредните недели“, стои во извештајот.

Во првата недела од 2017 70,4% од заболените биле на возраст од 15-64 години, мало зголемување од претходната недела кога процентот на таа група бил 65,9%. 11,7% од заболените биле децата од 5-14 години, 10,7% биле возрасни лица над 65 години, а 7,2% заболени од грип биле најмладите на возраст од 0-4 години.

Вакцинацијата со вакцина против сезонски грип во Македонија е започната од 43 недела, 2016. Согласно пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ вакцинирани се вкупно 26.665 лица и потрошени се 99,9% од вкупно набавените вакцини, информираат од Институтот за јавно здравје.