Два милиони евра државни пари за 23 филмови годинава

Агенцијата за филм на Македонија годинава финансиски ќе поддржи вкупно 23 филмови, одбрани на новиот конкурс, прв по донесувањето на новиот Закон за филмска дејност. Вкупниот буџет е 134.300.000 денари.

Од нив, осум се долгометражни играни филмови – четири македонски и четири копродукции со други земји. Фокусот е на дебитантските филмови, така што три од македонските се првенчиња на режисерите и ќе добијат по 16 милиони денари („Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи, „Дедо и внук“ на Илија Пиперковски и „Проект Хепинес“ на Борјан Зафировски). Четвртиот долгометражен игран меѓу македонските филмови е „Шеќерното дете“ на режисерот Игор Иванов, кој ќе биде прв македонски филм за деца. Сценариото го напишаа Драгана Лукан Николоски и Игор Иванов, инспирирани од сказната за деца „Шеќерна приказна“ на Славко Јаневски. Овој проект ќе добие највисок износ за поддршка на овој конкурс, 46 милиони денари.

Долгометражните играни копродукции во кои учествува Македонија (со износи од три до седум милиони денари) се: „Ноќен живот“ на режисерот Дамјан Козоле од Словенија, „Љубовта на Лена“ на Флоријан Гааг од Германија, „Банат“ на Адриано Валерио од Италија и „Доме, слатки доме“ на режисерот Фатон Бајрактари од Косово. Директорот на Агенцијата за филм Дарко Башески на прес-конференција рече дека осумте проекти за долгометражни играни филмови се избрани од 19 кои се пријавиле на конкурсот.

Жанровски, тоаглавно се драми, некои и со примеси на комедија. Поддршка на конкурсот добиле четири долгометражни документарни филмови, со износи од 1.200.000 до 3.000.000 денари: „How do you define arrogance?!“ на Небојша Илијевски, „Глас од Букурешт“ во режија на Леотрим Идризи, „Човекот со две лица“ на Марија Џиџева и „Љубовната соба“ на Сузана Диневски. Шест краткометражни играни филмови ќе добијат поддршка со износи од 870.000 до два милиона денари: „Патики“ на Лидија Мојсовска, „Исклучиво жолти лалиња“ на Кузман Кузмановски, „Татко“ во режија на Светозар Ристовски, „Ние и тие“ на Стојан Вујичиќ, „Чевли“ на Бранко Костески и „Борба за смрт“ на Елеонора Венинова. Краткометражни документрарни филмови се поддржани два – „Ренесансен ембрион“ во режија на Милан Јашиќ и „Дива во домот за старци“ на Синиша Ефтимов (со 820.000 и 850.000 денари).

Ќе бидат поддржани и три краткометражни анимирани филмови: „Тивката Мира“ во режија на Ѓорче Ставрески, „Кавал“ на Саша Станишиќ и „Акт“ на Ацо Станкоски (со износи од 1.000.000, 1.180.000 и 2.500.000 денари). Башески соопшти дека на конкурсот е евидентен порастот на пријави за анимиран филм (пет – за разлика од порано кога аплицирале по еден до два). Помал бил интересот за кратки документарни.

Директорот на Агенцијата за филм истакна дека значајно за овој конкурс е што се поддржува филм за најмладите, кој ќе биде прв во филмската историја на Македонија што, како што рече, била негова замисла уште кога стапил на функцијата. Задоволен е и од тоа што се повеќе режисери, особено млади, се здружуваат со продукции од други земји и што аплицираат пред странски фондови и на меѓународни копродукциски маркети. Тој ги спомна и новините со новиот Закон за филмска дејност, во кој има точно утрвдени критериуми за тоа кои проекти ќе добијат поддршка. Се вреднуваат претходни успеси на авторите, награди на филмски фестивали, категории на фестивалите итн. Покрај читачи на сценарија, сега за резултатите решава и Филмски совет. Новина е и што е двојно зголемен и максималниот износ за поддршка на долгометражен игран филм – од половина на еден милион денари, освен за филмови од посебен интерес кои може да добијат и поголем износ од ограничениот.

Во 2015 година ќе има седум премиери на домашни филмови, што е рекорден број. До крајот на првата половина на годинава се очекуваат премиерите на четири од нив: „Медена ноќ“ на Иво Трајков (кој ќе биде прикажан и на маркетот за дистрибутери на претстојното Берлинале), „Мојот брат Лазар“ на Светозар Ристовски, „Чекајќи ги парите“ на Слободан Деспотовски и „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски.

За поддршка од Агенцијата за филм на РМ ќе има уште два конкурса, со рокови за одлучување во април и октомври.