Дискусија на Филозофски: Со поголема солидарност и системски барања до подобра студентска борба

Студентите да продолжат со систематски барања, да воспостават нова култура во која студентите меѓусебно би го подобриле дијалогот, но и да овозможат децентрализација на движењето, беа заклучоците од вечерашната трибина организирана од интерниот Пленум на Филозофскиот факултет при УКИМ. Трибината која беше закажана во амфитеатарот на Филозофски, студентите беа приморани да ја преместат во факултетската аула бидејќи тие иако две недели претходно ја обезбедиле просторијата, друга група студенти чекаше пред вратите да полага испит.

Преку своите искуства како поранешни студентски активисти на студентите им се обратија Кире Василев, магистер по политички науки, Анастас Вангели, докторант по политички науки, Стефан Бошковски од неформалното студентско движење „Слободен индекс“ како и новинарот Бранко Тричкоски.

Сите тие сметаат дека „Студентски пленум“ треба да продолжи со своите активности дури и да успеат во својата намера, односно Министерството за образование и наука да го повлече предлог законот за државен испит. Сепак, за тоа според нив е потребно каузата да биде поголема од егото.

Вангели потсети на трибините, онлајн петицијата и вмрежувањето со интернационални студентски движења кои беа дел од активностите спроведени во 2008 година како одбележување на четири децении од протестите во 1968 година.

Според него, Македонија има идеологија на омраза. Тој воедно побара студентите да не го дисциплинираат односно ограничат движењето само за државен испит и постојано да имаат систематски барања.

Стефан Бошковски пак, како претставник на неформалното студентско движење „Слободен Индекс“ од 2009 година потсети за борбата што ја имаа за целосно бесплатно образование за сите студенти и барањата тоа да се третира како основно човеково право, а не како стока или роба која се купува и продава на пазарот. Тие исто така, се залагаа и за автономија на универзитетот.

„Образованието треба да стимулира критична мисла за процесите што се случуваат во општеството. Од универзитетот треба да излезат прогресивни студенти коишто ќе носат промени кон подобро во општеството, а не нивната цел на студентите да биде само да дојдат до дипломата“, рече Бошковски.

Сепак, тој посочи дека тоа биле други времиња кога студентите успеале да достават нивна претставка до Уставниот суд и истакна дека Уставниот суд не бил доведен „до ова дереџе како што е денес“.

За своето искуство со протестите во студентските домови зборуваше Кире Василев кој посочи дека голем е стравот на студентите да не бидат избркани од студентските домови што би влијаело и на нивното студирање и понатамошна идинина.

Василев смета дека сегашните студенти треба да се солидализираат со студентите од студентските домови, да им помагаат, а за возврат би добиле поголема заедничка борба.

„Потребно е да се регрутираат студентите од студентските домови бидејќи тие многу подобро го знаат системот затоа што многу повеќе патат од системот. Ако добиете студент од студентски дом, ќе добиете и подобра критика, а ќе добиете и подобра насока, а мислам дека солидарноста меѓу студентите ќе се зголеми драстично“, смета Василев.

Новинарот Бранко Тричкоски забележа дека луѓето се дојдени во ситуација во која на нормалното гледаат радикално. Според него, потребна е целосна реконструкција на образованието.

„Ако ја видеме зградата на високото образование или некои други згради ќе видеме дека делуваат како згради низ кои поминал земјотрес и кога ќе помине некоја добра група на сеизмолози тие ќе забележат кој е проблемот. Тоа значи дека ќе ги извадат работите  што се добри и ќе изградат нова зграда. Така и образованието во Македонија е растурено и мислам дека заслужува една конкретна реконструкција“, посочи Тричковски.

Трибината која беше организирана од интерниот пленум на Филозофскиот факултет имаше цел да направи осврт кон студентските организирања во минатото, да направи ревизија и реактуелизација на студентските барања кои тогаш биле поставувани и да создаде култура на дијалог помеѓу поранешните студентски активисти и актуелните студенти. Воедно, студентите повторно ги повикаа своите колеги на протест кој го најавија за во петок, во 14 часот пред Влада со цел да протестираат против воведувањето на државниот испит во високото образование.