Четворица осомничени во случајот „Еразмус“ имаат забрана да работат

На четворица осомничени од вкупно шест во случајот „Еразмус“, судија на претходна постапка им определи мерка за претпазливост, односно забрана за вршење на нивните работни активности, кои се поврзани со кривичното дело, соопшто Кривичниот суд. Оттаму информираат дека мерката ќе трае додека постои потреба, или најдолго до правосилноста на пресудата.

Претходно, Јавното обвинителство поднесе предлог за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка за претпазливост против сите шест лица. Вчера тие, заедно со своите полномошници и јавниот обвинител, беа повикани во Основен суд Скопје  1 за да се произнесат во врска со предложената мерка.

„Во текот на сослушувањето, обвинителот за две лица го повлече прелогот за опредлување мерка за претпазливост, додека по ценење на причините заради кои е поднесен  предлогот за преостанатите 4 лица, судијата на претходна постапка донесе одлука со која го прифати предлогот на обвинителството и на Б.Ш, Д.Ј., С.Р. и Љ.Ј. им определи мерка за претпазливост од член 146 ст. 1 т. 7 –  забрана за преземање определние работни активности кои се поврзани со кривичното дело, а која мерка ќе трае додека постои потреба, а најдолго до правосилност на пресудата“, се вели во соопштението на Кривичниот суд.

Како што посочуваат од судот, осомничените имаат право на жалба против овие решенија до Кривичниот совет.

Во јуни, оваа година, започна истражната постапка против осомничените во предметот „Еразмус”, по кривичната пријава поднесена од МВР – Единица за корупција.

Истражната постапка се спроведуваше поради постоење основано сомнение дека обвинетите сториле кривично дела – „примање поткуп“, „примање награда за противзаконито влијание“, „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „давање поткуп“.

Тогаш, Основниот суд Скопје 1 им изрече на обвинетите мерки на претпазливост, со кои се стекнаа со обврска повремено да се јавуваат на определено службено лице и кај надлежен државен орган, а притоа им беа одземани и пасошите.

Овој случај беше пропратен со бурни реакции во јавноста. Професорскиот пленум го осуди упадот на полицијата во кампусот на УКИМ, за кој сметаат дека е противуставен и противзаконски, односно дека претставува директен удар врз автономијата на Универзитетот.