[Колумна] Царот е гол, ем шут, ем боде

Имаме едно огромно буниште, а на него деноноќно к’ваат ли к’ваат, барајќи злато, едно чудо полуписмени Цареви и по некоја Царица, кои ем се голи, ем се шути, ем бодат, пишува Марија Грубор, психолог и граѓански активист, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

…и тоа веќе горе-долу 25 години. Зошто толку? Па млада е Македонија, де. А и јас со неа, речиси врснички сНе. И имам целиот мој млад живот едно многу грозно чувство дека, знаете, сте чуле за déjà vu?

Батали. Прво, да ве запрашам нешто: дали може веќе да престанеме да зборуваме за Студентски пленум, Шарена револуција и сите подеми и падови на тн. граѓанско општество – па да се фокусираме конечно, малку на РЕАЛНОСТА?

As in: сега и овде. А, што имаме сега и овде?

Јас би рекла оти имаме едно огромно буниште, а на него деноноќно к’ваат ли к’ваат, барајќи злато, едно чудо полуписмени Цареви и по некоја Царица, кои ем се голи, ем се шути, ем бодат.

Важно: Денес (кога го пишувам ова) е крвав четврток, зашто утре е Црн петок, и младите тутуноберачки ќе бидат растрчани по шопинг молови.

Важно: Сцената е преполна, рефлекторите брмчат како рој лути оси. Сценаристот умре од глад, режисерот се крие во женското WC. Тонецот е полуглув, реално, ама немаше кој.

Важно: Дневнополитичките војни се водат пред очите на Народот, кој малку збунето, малку настинато шлапка во крвта насобрана до глуждови, зашто се затнала канализацијата во Колосеумот.

Важно: Меѓусоседски односи, Историјата и Името, додека во Државна болница ти е поисплатливо да умреш отколку да дочекаш возилото на Брза помош да ги прелета на магичен тепих паркираните возила.

Важно: Сцената се испразни. Останаа неизбришливи дамки од пот, солзи и крв на штиците кои живот значат. Актерите ќе ги најдете во најблиската биртија, во болница (магичен тепих) или едноставно спакувани во сопствениот куфер – се кријат од Себе.

А сметката?

Кој тоа на крајот онаа сметката ќе ја плати, дами и господа, што би рекол другарот Дерала?

Младината ваша сакана и ценета, разбира се.

Еден ден – можеби тоа беше вчера – можеби ќе биде утре – ќе дојде келнерот и ќе рече „Zahlen Sie, bitte“. А јас ќе му речам „Нека, пајакот од лебот ќе ја изеде мувата од супата“.

Македонија, колку и да знае да биде како шугав пес понекогаш, ја сакаме зашто, тоа е, почвата нејзина корените ни ги напојува со бистра вода и јаворов лад.

Арно ама – Македонија, другари, како што веќе знаеме, не се сака со трето дете.

Македонија не се сака со останување овде засекогаш за да додеваш на други со тоа колку ни е „семката“ скапана, додека бадијалџиш низ етерот.

И Македонија не се сака со фалбаџиство, општонародно солење и биберење манџи и слични такви будалаштини, што би рекол мојот драг професор Н. Чаусидис.

Македонија се сака сал со работа и тоа со внимателна, умна и трпелива работа, од која корист ќе имаат не само сегашните млади и стари, туку и сите оние наши напатени потомци кои моментално не можеш да ги замислиш оти човечкиот когнитивен апарат не може дотаму да досегне во својата фантазија.

Е баш така.

Сега засега поздрав, а за поправен елате пак во јуни!