Бојкот во градинката „Кочо Рацин“ поради смена на воспитувачка, МТСП се оградуваат од случајот

Со смената на воспитувачка од првата мала група од градинката „Кочо Рацин“, од страна на новата в.д директорка, а без да се земе предвид мислењето на родителите и најдобриот интерес на децата, има повреда на детските права, сметаат од Првата детска амбасада на светот „Меѓаши“.

Родителите на децата, се незадоволни од новата воспитувачка која е доделена да работи со нивните деца, и појаснуваат дека потпишале петиција против оваа одлука, доставена до општината и Министерството за труд и социјална политика.

Од Министерството за труд и социјална политика се оградуваат од случајот, не бил во нивна надлежност.

„Надлежноста на Министерството за труд и социјална политика е во делот на давање согласност за вработување, додека самото вработување и распределување на кадарот е во надлежност на општините, односно на директорите на установите за детска заштита. Министерството може да реагира само во случај кога се прекршени одредбите од Законот за заштита на децата, каде што децидно се наведени случаите кога е сторена повреда во делот на заштита на децата згрижени во установи за деца“, стои во соопштението на Министерството за труд и социјална политика.

Од Министерството додаваат и дека прават детална анализа во секоја градинка, по што најавуваат трајно решавање на кадровските проблеми.

Од Меѓаши пак соопштија дека родителите почнале до бојкот на посетата на децата во градинка, како знак на револт и директна поодршка на воспитувачката Сузана Чурлинова од која велат дека се презадоволни.  Оние родители кои немаат можност за чување, ги испраќаат своите деца со порака на ранче, а согласно емотивните ставови на децата, кои си ја бараат својата воспитувачка со која се емотивно поврзани. Според член 3 од Конвенцијата за правата на детето, во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење треба да бидат интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, судовите, административните органи или законодавни тела.