Американските научници копираат климатски податоци уплашени дека под Трамп можат да исчезнат

Во страв дека децениски прибираните податоци, клучни за пресметките на климатските промени, можат да исчезнат под администрацијата на Доналд Трамп, научниците почнаа енергично да ги копираат огромните владини податоци на различни невладини сервери, во надеж дека тие ќе бидат заштитени од политички влијанија.

Напорите вклучуваат и настан по „герила архивирање“ во Торонто, како и неколку состаноци на Универзитетот во Пенсилванија, насочени кон копирање незаменливи јавни податоци.

На овие средби ќе се разгледуваат начини како да се симнат огромни количини државни јавни податоци, колку што е можно побргу, пред денот на инаугурација на новиот американски претседател. Експерти за бази на податоци веќе почнаа да работат на интернет страница која ќе ги прибира научните информации.

„Нешто што изгледаше помалку параноично претходно, одеднаш изгледа потенцијално реалистично, или барем нешто од кое треба да се заштитиш. Овие иницијативи можат да бидат само добри. Се надеваме дека сè ќе остане на свое место. Но, доколку тоа не е така, мораме да бидеме подготвени“, рекол за Вашингтон Пост еколошкиот научник од Универзитетот во Калифорнија Ник Сантос, кој изминатиот викенд почнал да ги копира владините податоци за климатските промени на невладин сервер, каде ќе останат достапни за јавноста.

Во изминатиот период, новоизбраниот американски претседател Трамп номинираше поголема листа на членови на неговиот кабинет кои изразувале сомнежи за научниот консензуз околу глобалното затоплување.

Еден соработник на Трамп сугерирал дека НАСА повеќе не треба да спроведува климатски истражувања, туку треба да се фокусира на истражување на вселената.

Овие чекори предизвикале страв помеѓу научната заедница дека Трамп, кој климатските промени предизвикани од човекот ги има наречено „измама“, може да се обиде да ги менува или да ги селектира деловите од јавните податоци – од зголемувањето на нивото на морињата, до бројот на шумски пожари во земјата.

Ниту Трамп, ниту неговиот транзициски тим немаат кажано дека администрацијата планира да менува јавни податоци. Тие не коментирале на барањата на весникот, но некои научници не оставаат ништо на случајноста.

„Научници, дали имате американски податоци за климата на .gov бази на податоци кои не сакате да исчезнат?“, твитна метеорологот Ерик Холтхаус, по што доби голем број на одговори од целата земја.

„Не верувам дека ќе се случи. Но може да се случи. Сите овие податоци се бесценети, во смисла дека ако постојат процепи тогаш се намалува нивната корисност“, истакнува тој во врска со можните манипулации со научни податоци.