Златко Стевковски: 15 години „Синедејс“ – од 69 продадени билети, до публика со над 20 илјади гледачи

„Синедејс е славење, став, прониклива идеја за борба со реалноста, со филмови што критикуваат, но и ги обземаат нашите мисли“ – ова е идејата на која се темели фестивалот посветен на европскиот филм изминативе 15 години. Директорот на Младинскиот културен центар, Златко Стевковски, вели дека секоја година програмата се прави на тој начин што ќе понуди нешто различно, ќе го замисли гледачот и ќе послужи како против тежа на ткн. „турбофолк“ фестивалите во државата и соседството.

„Нужниот квантитет, не носи квалитет“, смета Стевковски.

„Ме боли искрено и излитена ми е онаа фраза дека Македонија е земја на фестивали“, додава тој.

„Кога ќе погледнам во минатото, пред 20 години, кога ги имавме Младинскиот отворен театар (МОТ) и Скопскиот филмски фестивал, сме мислеле дека имало цензура, диктатура, автократија. Но, кога ќе погледнам денес, сфаќам дека имаме толку многу ткн. фестивали на тиквата, на ајварот, на чварките, на зелката, па имаме питијади, имаме пиво фестивали, што е добро барем да има вакви фестивали како контра тежа“, вели Стевковски на прашањето за тоа како ја коментира хиперпродукцијата на филмски фестивали низ годините.

Тој вели дека „Синедејс“ е убава приказна која достигнала редовна публика од 20 илјади луѓе, токму поради разноликоста и автентичноста на програмата.

Златко Стевковски

„Кога ќе погледнам наназад, фестивалот го наследив со цели 69 продадени билети. Тој практично и не постоеше, но не обвинувам, напротив, им симнувам капа на тие кои биле пред мене. Несвесно или свесно зачнале една многу убава приказна која ние ја погледнавме, ја препознавме и успеавме да ја кренеме каква што е сега, и се надевам дека сите овие филмови ќе значат некому, нешто повеќе, и тие луѓе кога ќе ги погледнат филмовите, ќе излезат од салата како подобри индивидуи, поразбрани соседи, дека нема во сообраќајот да бидат толку нервозни, дека нема на работа со колегите да имаат некои глупави несакани конфликти“, рече Стевковски.

Деновиве, пред официјалното отворање на фестивалот, низ Скопје можеа да се видат плакати кои ги упатуваа пораките „Го чекаш цела година, го снемува за десет дена“ и „Долго се плете и тешко се расплетува“, кои како што појасни Стевковски, се дело на ПР агенцијата „Публицис“. Разбира оти редоследот и годинава е набиен, со стотина филмови кои треба да се прикажат во десет денови, но според него, невозможно е фестивалот да трае подолго, бидејќи би ја изгубил суштината.

„Се обидуваме да направиме еден што е можно покус, поубав пресек на овие филмови и не е баш толку лесно, но успеваме. Буквално 11 месеци работиме на овој фестивал за да го сочиниме. Навистина не е лесно да се погледнат сите овие содржини и ги разбираме сите оние страсни филмофили, кои честопати ни префрлаат, па дури и ни се лутат, но тоа е невозможно. Десет денови е премногу за фестивал, мислам дека ќе се изгуби и ќе се развлечи таа приказна“.

Според него, обидите за дополнително да се прикажуваат филмовите кои не биле вметнати во фестивалската програма не успевале.

„Едноставно, таа фестивалска треска, убава, духовна, покренувачка енергија што започнува пред фестивалот и трае, замира и не може да се продолжи. Иако Скопје е град со веќе 600-700 илјади жители, сепак, ние се уште немаме доволно критична маса“, подвлече тој.

Буџетот отсекогаш бил болна точка за каков било фестивал во нашата држава. Изминативе години имаше многу реакции и препирки за тоа кој колку добива финансиска поддршка од надлежните институции. За Стевковски, парите се непроменета константа и не крие дека станува збор за четири милиони денари од Агенцијата за филм, додека од Градот Скопје се 800-900 илјади денари, а дополнителна поддршка вели дека доаѓа од Делегацијата на Европската унија во Македонија.

„За споредба, ако го видиме буџетот на Љубљанскиот фестивал кој е четири до пет пати поголем, само во сегментот на гала филмовите, ако го погледнеме буџетот на Сараевскиот фестивал, кој е со два до три милиони, погледнете ги нивните програми и ќе видите колку е часот. Не знаеме уште колку ќе успееме да бидеме толку силни и моќни. Ова не е обвинување кон никој од моќниците, кон Агенцијата на филм или Градот Скопје. Кога ќе се сетам, не постоеше буџет за Синедејс, а досега е многупати зголемен. Но, ова е пресимболично, за жал“, рече тој.

Годинава, фестивалот ќе даде поголем акцент на музиката, со десет концерти на сериозни уметници од инди рок сцената.

„Секоја година сме биле исти, но на некој начин, на музичката програма не сме ѝ давале доволно внимание и била во позадина. Не сакавме да ѝи вртиме грб, сакавме да ја истакнеме и затоа го извлековме од контекст Синемјузик“, рече Стевковски.

Е.П.