„Жени зад пултот“ – отворен повик за учество на работилница за диџејки

Tiiiit! Inc. распиша отворен повик за учество на работилница за диџејки – „Жени зад пултот, која ја организираат во рамки на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО.

Присутните на неформалната школа ќе добијат увид во историја на диџејството, вовед во типови на опрема, поврзување и работа со грамофони и cdj-и, но и можност за изучување на основите за сортирање музика, миксање, поставување на диџеј сет и самостоен настап со диџеј сет.

Ментори на едномесечната работилница која ќе трае од 11 септември до 9 октомври, се диџеите Бојан Јанев -SoulCase и Дијана Димитриевска – DIAH.

„Повикот е отворен за девојки, жени и не-бинарни над 18 години. Местото за одржување на предавањата ќе биде соопштено со финално избраните кандидатки. Бројот на учеснички е ограничен  на 10 учеснички, а можноста за пријавување е до 3 септември“, велат организаторките од Tiiiit! Inc.

Оттаму истакнуваат дека анкетите кои се спроведуваат почнувајќи од 2012 година, во рамки на континуираниот проект The female:pressure FACTS, ја покажуваат родовата распределеност на артисти кои настапуваат на музичките електро фестивали низ целиот свет.

„Од запрепастувачки ниската бројка од 9% во 2012, денес учеството на жените артистки и диџејки на овие фестивали во светот е покачено на скоро 27%. Учеството на жените и небинарните луѓе на музичката сцена на глобално ниво e навистина ниска во однос на нивните машки колеги“, велат од Tiiiit! Inc., дополнувајќи дека состојбата во земјава не отстапува од светските трендови.

По завршувањето на работилницата најавена е журка.