Заврши кампањата „Од врата до врата“ – над 3.600 вакцинирани деца или закажани термини за вакцинација

Над 3.600 деца се вакцинирани во нивните домови или им е закажан термин за вакцинација и се поделени над 7.500 информативни материјали, во рамки на заедничката кампања на Министерството за здравство и Светската здравствена организација, со поддршка од Европската Унија, насловена „Од врата до врата“.

„Исто така, во рамки на оваа кампања се вакцинирани и 2630 граѓани над 65 годишна возраст во нивните домови со вакцина против сезонски грип, кои не можеле да пристапат до пунктовите за имунизација. За нив е обезбедена и бивалентна ревакцина за Ковид-19“, информираат од министерството.

Од таму посочуваат дека во кампањата беа вклучени 30 медицински тимови од здравствените домови.

„Вкупно беа посетени 221 рурално место и 79 урбани населени места, односно вкупно 3.867 домови низ државата“, соопштува министерството.