Европската Унија ја оствари целта, против Ковид-19 целосно вакцинирани 70% од возрасните

Европската Унија (ЕУ) денеска ја постигна целта пред крајот на летото да има 70% од возрасните кои се целосно вакцинирани против коронавирусот. Во Унијата досега целосно се вакцинирани повеќе од 256 милиони возрасни лица, соопшти Европската комисија (ЕК), а пренесува „Данас“.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен истакна дека ова е големо достигнување, предупредувајќи дека пандемијата не е завршена и ги повика сите што можат да се вакцинираат.

Исто така, таа рече дека ЕУ треба да му помогне на светот со вакцинацијата, нагласувајќи дека блокот ќе продолжи да ги поддржува своите партнери на тој план, особено земјите со ниски и средни примања.

Во соопштението на ЕК се наведува дека ЕУ предводи мултилатерален одговор на пандемијата и дека околу половина од вакцините произведени во ЕУ ги извезла во други земји.

Преку пакетот „Тим Европа“, Унијата за механизмот Ковакс обезбеди речиси три милијарди евра, со што помогна да се обезбедат најмалку 1.8 милијарди дози вакцини за 92 земји.

Досега, преку Ковакс се испорачани повеќе од 200 милиони дози вакцини во 138 земји.