Инспекција го затвори и базенот во Виница каде викендов беше организирана забава

Пазарните инспектори го затворија базенот во Виница каде викендов наидоа на организирана забава. Претходно беше најавена и кривична пријава поради работата на објектот спротивно на протоколите за спречување на ширењето на Ковид-19.

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) вчера го затвори и ноќниот клуб „Аватар“ во Струмица, кој за време на викендот беше место за забава на стотици млади луѓе, и покрај забраната за работа на ноќните клубови.  И за него е најавена кривична пријава. Двата објекти, во Виница и Струмица, ќе останат затворени се до носењето протоколи за работа на ноќните клубови.

Во меѓувреме, Јавното обвинителство во Прилеп отвори предмет по допрен глас заради сомненија дека угостителски објект и одговорното лице сториле кривично дело „Непостапување според здравствените прописи“ од член 206 од Кривичниот законик.

Во моментов протоколи за работа на ноќните клубови нема, со што и нивното отворање е забрането. Дозвола за работа имаат само кафулињата и рестораните, на затворено и отворено, со почитување на мерките за Ковид-19. Тоа значи дека во нив е забрането стоење, гостите не мора да носат маски, но мора да седат исклучиво на маса, која од соседната треба да биде оддалечена најмалку 1,5 метар. Музички настани во нив се забранети.

Дозвола за концерти има само ако тие се организираат како настани на отворено. И овде е пропишано дека треба да се одржува соодветна дистанца, но е задолжително и носење маска од страна на секој посетител.

Инспекторите го пломбираа ноќниот клуб „Аватар“ во Струмица

М.К.