Забава во ноќен клуб со стотици луѓе и покрај забраната за работа – ДПИ најави кривична пријава

Кривична пријава ќе биде поднесена за струмичкиот ноќен клуб „Аватар“, откако неколку стотици луѓе вчера и завчера се забавуваа во него, иако се уште е забранета работата на ноќните клубови, а не се донесени ниту протоколи за нивната работа. Фотографии и видеа пропратени со критики ги преплавија социјалните мрежи со кои се бараше одговорност за работата на клубот, чии настани постојано се промовираат на Фејсбук страницата на клубот.

Така, во петокот беше најавен настап на групата „2 Бона“, а вчера на пејачот Ѓоко Јовиќ. За вечерва пак е најавен и настан на музичката група „Легато“, со почеток од 21 часот.

Најавата за настаните во ноќниот клуб во која истовремено се посочува граѓаните да не чекаат и да резервираат, затоа што знаат дека ќе има гужва

Од Пазарниот инспекторат велат дека викендов извршиле контрола во клубот и биле регистрирани неправилности, по што бил направен записник, а најавија дека ќе биде поднесена и кривична пријава.

„Во викенд не можеме да поднесеме, од понеделник натаму ќе биде поднесена кривична пријава. Доколку продолжи вечер, ако продолжи истото, јас мислам дека и ќе (го) затворам, или наредниот викенд… се додека нема протоколи за ноќните клубови“, изјави Пауновски за Радио МОФ

Пауновски посочи дека работел само тој клуб, но и еден во Виница, за кој исто така ќе биде поднесена кривична пријава.

„Ни свест, ни одговорност. Се е до судот, ние ги поднесуваме до суд пријавите, што прават, како прават таму, после тоа ќе разбереме“, рече Пауновски.

Видеото кое кружеше на социјалните мрежи сега е недостапно, но остана кај дел од медиумите.

Радио МОФ се обиде да стапи во контакт со клубот „Аватар“, за коментар преку нивната ФБ страница од каде посочија дека го работат само маркетингот за настаните и го оставија мобилниот телефон на сопственик на клубот. На мобилниот телефон тој прво потврди дека е од Аватар, правдајќи се дека работат по сите протоколи, дека секој гостин си е сам одговорен за однесувањето, како и дека не можат да бидат полиција, за на крај да негира дека е личноста која ја побаравме и дека е дел од клубот.

Во моментов протоколи за работа на ноќните клубови нема, со што и нивното отворање е забрането, поради спречување на ширењето на новиот коронавирус.

Дозвола за работа имаат само кафулињата и рестораните, на затворено и отворено, со почитување на мерките за Ковид-19. Тоа значи дека во нив е забрането стоење, гостите не мора да носат маски, но мора да седат исклучиво на маса, која од соседната треба да биде оддалечена најмалку 1,5 метар. Музички настани во нив се забранети.

Дозвола за концерти има само ако тие се организираат како настани на отворено. И овде е пропишано дека треба да се одржува соодветна дистанца, но е задолжително и носење маска од страна на секој посетител.

Реакција за ноќните журки стигна и од министерот за здравство Венко Филипче.

„Гледам фотографии на социјалните медиуми од журки и забави во повеќе градови без да се почитуваат протоколите и мерките за заштита од Ковид-19. Барам итно надлежните институции – МВР и надлежните инспекторати да спроведат истраги и да ги санкционираат овие собирања на недозволен начин! Младите мора во целост да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус, да се заштитат себе си и своите најблиски, да носат задолжително заштитни маски, да одржуваат хигиена и дистанца. Клучно е сите да ги почитуваат мерките за да се спречи ширењето на вирусот и секое непочитување на мерките да биде соодветно санкционирано“, напиша тој на социјалните мрежи.

Вчера во земјава беа регистрирани рекорден 241 нов случај на новозаразен со Ковид-19.

Ј.Ј./М.К.