Јавното обвинителство отвори предмет за журка во прилепски локал

Основното јавно обвинителство – Прилеп соопшти дека оформиле предмет по допрен глас заради сомненија дека угостителски објект и одговорното лице сториле кривично дело „Непостапување според здравствените прописи“ од член 206 од Кривичниот законик.

„Во услови на прогласена пандемија од Ковид-19, спротивно на законските прописи и пропишаните мерки за заштита, во вечерните часови на 18.07.2020 година, во правното лице – угостителски објект била организирана забава на која биле присутни поголем број посетители. Постапувајќи по оформениот предмет, надлежното обвинителство издаде наредби за утврдување на фактичката состојба и евентуалната кривична одговорност, како и за обезбедување докази“, соопштија од Јавното обвинителство.

До Радио МОФ, изминатиов викенд, повеќе граѓани испратија видео снимки од забави и журки кои се организирале во различни македонски градови. На нив може да се забележи како голем број луѓе, спротивно на здравствените препораки, се наоѓаат на многу мало растојание помеѓу себе без никаква заштитна опрема.

Забава во ноќен клуб со стотици луѓе и покрај забраната за работа – ДПИ најави кривична пријава

 

Реакција за ноќните журки стигна и од министерот за здравство Венко Филипче.

„Гледам фотографии на социјалните медиуми од журки и забави во повеќе градови без да се почитуваат протоколите и мерките за заштита од Ковид-19. Барам итно надлежните институции – МВР и надлежните инспекторати да спроведат истраги и да ги санкционираат овие собирања на недозволен начин! Младите мора во целост да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус, да се заштитат себе си и своите најблиски, да носат задолжително заштитни маски, да одржуваат хигиена и дистанца. Клучно е сите да ги почитуваат мерките за да се спречи ширењето на вирусот и секое непочитување на мерките да биде соодветно санкционирано“, напиша тој на социјалните мрежи.

Во моментов протоколи за работа на ноќните клубови нема, со што и нивното отворање е забрането, поради спречување на ширењето на новиот коронавирус.

Дозвола за работа имаат само кафулињата и рестораните, на затворено и отворено, со почитување на мерките за Ковид-19. Тоа значи дека во нив е забрането стоење, гостите не мора да носат маски, но мора да седат исклучиво на маса, која од соседната треба да биде оддалечена најмалку 1,5 метар. Музички настани во нив се забранети.

Дозвола за концерти има само ако тие се организираат како настани на отворено. И овде е пропишано дека треба да се одржува соодветна дистанца, но е задолжително и носење маска од страна на секој посетител.