Спремни кривичните за два ноќни клуба, отсега инспекторите веднаш ќе затвораат објекти што не работат по протоколи

Кривичните пријави за два ноќни клуба, еден во Виница и еден во Струмица се спремни, а ќе бидат пуштени во рок од три дена, изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.

Во моментов вели дека инспекторите за пријавите се консултираат со обвинител, а во истовреме на средба, ги предупредиле и организаторите на свадби дека е забрането организирање на такви забави.

Во периодот кој следи, вели тој, наместо опомени, ќе почнат со затворање на објектите кои не ги почитуваат протоколите.

„Кога ќе излеземе на терен, без разлика на се, и без разлика дали е вонредна состојба или не, ние ќе пристапуваме и веднаш кон затворање, место оние процедури во рок од осум дена, па празнење на просториите… значи веднаш ќе одиме со затварање“, дециден е Пауновски.

Освен струмичкиот клуб „Аватар“ чии видеа од ноќните забави се споделуваа по социјалните мрежи, и клуб во Виница во кој влегле инспекторите, нема други локали каде на лице место биле затекнати гости надвор од протоколите за работа.

„Имало кафич Калипсо (Прилеп н.з) што работел до 1:30. Пријавено е веднаш, меѓутоа додека дошла наша екипа, бидејќи ја праќаме од други градови, веќе било затворено“, вели Пауновски за настан кој бил пријавен ноќта меѓу сабота и недела.

Апелира до сите свеста и одговорноста да биде на прво место, бидејќи како што вели, казната ќе се плати, ама здравствениот систем ќе колабира поради ваквите забави.

Претходно  преку соопштение Независната угостителска комора побара казни и за музичарите кои учествуваат на настани, а ја повикаа полицијата да ги открие и гостите и да ги спроведе во државен карантин или самоизолација. За локалите што ги кршат мерките за заштита од коронавирусот бараат и казни, и во целост да им се забрани вршење на дејноста.

„Изминатите денови сведоци сме на т.н. масовно непочитување на протоколите за работа кај дел од угостителите и угостителските објекти во повеќе градови на Македонија. Фактот дека и по разни извршени инспекциски надзори и контроли угостителските објекти и понатаму продолжуваат да работат, прекршувајќи и не почитувајќи ги во целост сите протоколи за работа на угостителски објекти, со што го доведуваат и загрозуваат целосно здравјето на угостителските работници, како и јавното здравје на сите граѓани и гости, со што во целост ја загрозуваат и деградираат егзистенцијата на угостителската индустрија, апелираме до Владата и сите инспекторати за овие угостители и угостителски објекти, не само да поднесуваат Кривични пријави туку да применат поригорозни мерки, максимално да ги санкционираат и во целост да се забранат со вршење на дејноста“,се вели во нивниот допис.

Тие го повикаа Пазарниот инспекторат да ги затвори овие објекти, а имињата на нивните сопственици бараат јавно да бидат објавени. Исто така го повикаа и Здружението на естрадни уметници и сите музичари да не учествуваат во ваквите забави.

Во текот на денот, Основното јавно обвинителство – Прилеп соопшти дека оформиле предмет по допрен глас заради сомненија дека угостителски објект и одговорното лице сториле кривично дело „Непостапување според здравствените прописи“ од член 206 од Кривичниот законик.

Викендов до Радио МОФ повеќе граѓани испратија видео снимки од забави и журки кои се организирале во различни македонски градови. На нив се забележуваат голем број луѓе на многу мало растојание и без никаква заштитна опрема.

Забава во ноќен клуб со стотици луѓе и покрај забраната за работа – ДПИ најави кривична пријава