Инспекторите го пломбираа ноќниот клуб „Аватар“ во Струмица

Налепници „Затворено од државен пазарен инспекторат“ утрово осамнаа на ноќниот клуб „Аватар“ во Струмица. Пломбиран е од Државната пазарна инспекција и ќе остане затворен до носењето протоколи за работа на ноќните клубови. Ова за Радио МОФ го потврди директорот на пазарниот инспкторат Стојко Пауновски

Клубот стана актуелен викендов, откако на социјалните мрежи почнаа да се споделуваат фотографии и видеа од ноќните забави на кои се забележуваа голем број млади кои не држат дистанца, ниту пак носат заштита на носот и устата, за спречување на ширењето на новиот коронавирус.

Инспекторите влегоа во клубот викендов каде констатирале неправилности, а најавија и кривична пријава.  И покрај тоа, на ФБ страницата на клубот остана да се врти програмата за цел викенд, па во неделата вечерта, како што појасни Пауновски, повторно била пуштена екипа, но во локалот не се одржала журката.

„Ние со полиција пуштивме екипа која што чекаше. Ако отвореа, директно ќе пристапевме кон затворање. Секако ќе одиме и со затворање, меѓутоа, ја тераме таа постарата процедура, со решение, па затварање“, изјави вчера Пауновски кој додаде дека веќе од оваа седмица, ако се затекнат нерегуларности при работата на објектите, веднаш ќе се пристапува кон нивно затворање.

Освен  клубот во Струмица, викендов инспекторите затекнале уште еден ноќен клуб, во Виница, кој работел спротивно на протоколите.

До Радио МОФ, изминатиов викенд, повеќе граѓани испратија видео снимки од забави и журки кои се организирале во различни македонски градови. На нив може да се забележи како голем број луѓе, спротивно на здравствените препораки, се наоѓаат на многу мало растојание и немаат заштитна опрема. Од Основното јавно обвинителство – Прилеп соопштија дека оформиле предмет по допрен глас заради сомненија дека угостителски објект и одговорното лице сториле кривично дело „Непостапување според здравствените прописи“ од член 206 од Кривичниот законик.

Според последната статистика, во моментов во земјава има 3946 активни случаи на Ковид 19.

Ј.Ј.