Започнува деветтото издание на Француски филмски фестивал

Најновите француски филмски достигнувања во присуство на нивните главни ѕвезди ќе бидат дел од годинешниот фестивал на француски филмови, кој почнува вечерва со филмот „Патот за Истанбул“ на режисерот Рашид Бушареб, во кино „Милениум“, во 20:30 часот.

На отворањето, публиката ќе ја има честа да ја запознае главната протагонистка од филмското остварување Астрид Ветнал.

Фестивалот оваа година ќе се одржи од 15-ти до 18-ти јуни, а програмата ќе се реализира во Скопје и во Охрид.

Предвидено е  да се прикажат осум долгометражни филмови, а фестивалските денови ќе бидат свечено затворени во Охрид со проекција на филмот „Судија“(2015), филмско остварување на режисерот Кристијан Венсан, кој ќе биде исто така почесен гостин.

Традиционално, и оваа година ќе има средби и дискусии со годинешните гости-учесници на филмските остварувања и тоа: Кристијан Венсан (режисер), Астрид Ветнал (актерка), Нино Роше (актер), Одре Бијар, директорка на фестивалот Off-Courts и Анук Ледерле, координатор на проектот за мини-видеа.

Оваа година, во соработка регионот Нормандија ќе биде организиран и натпревар на куси видеа, каде лауреатот ќе ја има честа да биде дел од еднонеделниот престој во Нормандија на фестивалот за краткометражни филмови „Off-Courts“.

Фестивалот се одржува во организација на Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Министерството за култура на Македонија, Регионот Нормандија, Охридска банка-Сосиете Женерал, Публицис, F.A.M.E.S, Младинскиот културен центар, Националната агенција за филм, Публицис, Градот Охрид, Центарот за култура во Охрид и Пежо.