Заев: Правно формалните можности не се исполнети, одлука за Иловица во вторник или следната недела

Овој или следниот вторник Владата ќе ја донесе конечната одлука за иднината на рудникот Иловица, најави вчера премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со протестите на населението на Штука и на Иловица и активистите, кои долго време протестираат против рудникот, барајќи да му се укине концесијата на „Еуромакс Рисорсис“.

„Ако се биде завршено можно е овој вторник да се донесе одлуката, ако не следниот вторник зависи од правно формалниот аспект на процедурите низ помошните владини тела“, одговори Заев на новинарско прашање.

Одлуката треба да ја донесе Владата, рече Заев, но не сакаше да ја коментира самата одлука, затоа што, како што рече, ќе ја образложи со сите детали.

„Знаат и граѓаните и концесионерите, правно формалните можности не се исполнети“, рече премиерот Заев.

Инаку, последниве четири денови постојано секое утро беше блокиран пристапот до рудникот Иловица, каде изминатиов период се вршеа и археолошки истражувања.

Вчера група граѓани се придружија и на протестен собир во Скопје, да дадат поддршка за активистите и жителите во борбата против рудникот.

Завчера, пак, се случи и контрапротест – на стотина метри од блокажите се појавија и други луѓе кои беа ангажирани на договор на дело од компанијата концесионер да им помогнат при археолошките ископувања.