За првпат во Македонија се одржува детски камп за класична музика во Битола

Од 12 до 16 јуни во Битола за првпат во земјава се одржува детски камп за класична музика. Станува збор за проект на Здружението „Пијано“, заедно со партнерите Здружението „Gradus Ad Parnassum” од Сремска Митровица, Србија и музичкото училиште „Tefta Тashko – Koco” од Корча, Албанија.

Раководните лица на „Пијано“, Марија Шамоска Буџаковски и Јана Четелева Белевска истакнуваат дека на овој петти повик од Western Balkan Fund и втор повик кој што е поддржан од Европската Унија, од вкупно 347 апликации, избрани се 36 проекти, по 6 од секоја земја членка на Западен Балкан, меѓу кои и проектот „Kids Classical Music Camp” на нивното Здружение.

„Голема е благодарноста и среќата што европските организации  ја препознаа нашата идеја, која што ќе се потрудиме да ја реализираме најдобро што можеме и со тоа да ја направиме нашата земја и нашиот град уште побогат со културни настани и случувања“, изјавуваат од „Пијано“.

На 14 јуни во КИЦ – Офицерски Дом ќе се одржи концертот на учесниците во овој проект. Од Здружението велат дека самиот проект структурно е коципиран врз идејата за што поголема мобилност и размена на култури помеѓу земјите од Западен Балкан.

Освен културна размена и споделување на искуства, во овој проект е предвидено и споделување на знаења, па така во текот на проектот се предвидени 4 работилници и тоа 2 од страна на земјата домаќин – Македонија, една од гостите од Србија и една од гостите од Албанија.

Здружението на пијанисти и музички педагози „Пијано“ – Битола е формирано 2018 година од професионални педагози по пијано како и од група ентузијасти и љубители на класичната музика. Целта на здружението е да се подигне нивото на музичка култура, културата на слушање на класична музика во градот, како и да се имплементира еден нов начин на едукација на младите таленти кои што треба во иднина да ја продолжат музичката традиција, преку интернационални проекти, семинари, работилници, мастеркласи и слично