„WEAVING“ вечерва во МКЦ: Современиот танц во дијалог со македонската традиција

Современиот танцов перформанс „WEAVING“, на авторките и кореографки Адријана Данчевска-Ровчанин и Александра Петрушевска, вечерва во 21 часот ќе биде изведен во Дансинг салата на Младинскиот културен центар во Скопје. Втората изведба е закажана за 3 октомври, во 21:30 часот, во Културно-информативниот центар во Битола.

Претставата, во продукција на „Танц Бункер – Платформа за независен танц“, е инспирирана од македонското културно наследство, поточно од традицијата на плетење коса и машкото оро „Тешкото“. Преку современ танцов израз, авторките ги истражуваат односите меѓу телото, движењето, звукот и просторот.

„WEAVING“ ги поврзува современиот танц и музиката во живо, истражувајќи ги заедништвото, меѓусебната поврзаност и потребата за промена. Перформансот е структуриран во два дела, создадени низ различните кореографски перспективи на двете авторки.

Во претставата настапуваат Нина Петрушевска, Тереза Лазарев, Александра Петрушевска и Адријана Данчевска-Ровчанин. Музиката во живо ја изведуваат Александар Гроздановски на синтисајзери и Дарио Циевски на тапани. Дизајнот на сцена и костимографијата се на Ивана Мојсовска Головски, а видеото и фотографијата се на Марко Маријановиќ.

Проектот е финансиран во рамките на Националната програма на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.