Волонтери на Црвен крст ќе бидат водичи за полесно снаоѓање на пациентите во Комплексот клиники во Скопје

Петнаесет волонтери од денеска ќе помагаат за полесно снаоѓање на пациентите во  Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“ во Скопје. Волонтерите се лоцирани на на седум најфреквентни локации во комплексот клиники, во периодот од 8:30 до 12 часот, секој работен ден.

Волонтерите имаат униформа на Црвениот крст за полесно препознавање, а на Клиниките за онкологија, гинекологија, инфективна, кардиологија, за детски болести, хируршки и интерни клиники имаат свои информативни места каде граѓаните може да се обратат за помош.

Подготвени се брошури и флаери на кои има основни информации за нивниот ангажман, но и мапа на која се одбележани сите клиники, кои се наоѓаат во рамки на Клиничкиот центар.

Проектот се спроведува во соработка со Министерството за здравство и Црвениот крст на Град Скопје од каде очекуваат добар прием кај сите потенцијални корисници на услугите и овој проект го сметаат за позитивен чекор кон волонтерските сервиси на задоволство кај граѓаните, кои имаат потреба од овие услуги. Во проектот ќе бидат вклучени волонтери, кои претходно работеле во рамки на овие здравствени институции, но и млади кои работеле на проекти во здравствените институции.

Во текот на обуките, волонтерите добија знаења и вештини за тоа како да го олеснат пристапот на сите лица, кои имаат потреба од помош и поддршка во наоѓање на универзитетските клиники (физичко лоцирање), административни процедури за пациенти, како и водење на сите тие кои имаат потреба од дополнителна помош во интерните одделенија (шалтери, соби за преглед, термини за прием, одговорен лекар итн). Во рамки на проектот се изработени и брошури за прва психолошка помош на македонски, албански и ромски јазик.