Во Виетнам хомосексуалците веќе нема да подлежат на конверзиона терапија

Припадниците на ЛГБТИ+ заедницата во Виетнам веќе нема да поминуваат низ конверзиона терапија, а хомосекуализмот веќе нема да се стигматизира како болест, одлучија виетнамските власти, пренесува „Гардијан“. Виетнамската влада ја соопшти одлуката и донесе голема промена за локалната ЛГБТИ+ заедница.

Тамошното министерство за здравство изјави дека медицинскиот персонал веќе не смее да ги лекува геј луѓето, а со тоа дополнително да ги дискриминира.

Во соопштението на Владата се вели дека да се биде припадник на ЛГБТИ+ заедницата не е болест, па оттаму не смее да се лекува, а припадниците не смеат да подлежат на конверзиона терапија.

Ваквата одлука доаѓа после долги години залагање за правата на ЛГБТИ+ заедницата. Во ноември годинава, „Прајд“ кампањата од Институтот за социјални науки, економија и животна средина испрати петиција до Светската здраствена организација (СЗО) со која се бара Виетнам да потврди дека хомосексуалноста не е болест. Во видео, Институтот го постави прашањето „Ако хомосексуалноста е болест, тогаш зошто припадниците на ЛГБТИ+ заедницата не можат да земат боледување од работа?“.

Во април годинава, претставникот на СЗО во Виетнам, Кидонг Парк, објави соопштение во кое вели дека секој обид да се промени сексуалноста на ЛГБТИ+ луѓето „нема медицинска базираност и е неприфатливо“.

„Не можеме да доловиме колку е голема оваа промена. Однесувањето и третманот кон ЛГБТИ+ заедницата нема да се сменат преку ноќ, но ова е голем чекор напред во промена на наративот. Се дозволи митот дека хомосексуалноста е дијагноза да преовлада кај виетнамското население, со што терапијата стана инвазивна за ЛГБТИ+ младите“, изјавил Кајл Најт, истражувач за здравство и ЛГБТИ+ права од „Хјуман рајтс воч“.

од Институтот за социјални науки, економија и животна средина сега повикува на промена на законите и легализација на истополовите бракови во Виетнам.