Училишна шарена клупа во Стојаково предизвика навреди кон ЛГБТИ + активист

Клупа во училишен двор, односно шарена клупа во бои што наликуваат на оние на виножитото, стана актуелна тема во Стојаково. Клупата беше и причина лице да започне онлајн говор на омраза и да бара клупата под итно да биде префарбана во друга боја.

Во онлајн „ловот на вештерки“ веднаш беше пронајден и „виновникот“ за ширењето на „ЛГБТИ+ пропагандата“ – Дејан Сламков, кој е студент и водител на аудио подкастот „Save our children“, каде обработува квир тематики.

Одеднаш, Сламков стана мета на онлајн говор на омраза и беше именуван како „претседател на lgbd заедницата од Стојаково“ кој наводно повикува млади да членуваат во „неговата организација“, по што следуваа и повици за тепање.

Принтскрин од онлајн нападите

„Во моето родно место Стојаково се исфарбала некоја си клупа во основното училиште да изгледа на виножито… Океј, како и да е, не ме интересира. Епа, некои луѓе, си го поврзале тоа со ЛГБТ луѓето и мене. Не знам како јас сум поврзан со тоа, но наводно јас сум ‘крив’ за тоа и наводно сум ‘претседател’ на ЛГБТ заедницата кој го спровел сето тоа. Не знам дали да плачам или да се смеам искрено“,  напиша Сламков на социјалните мрежи.

Тој истакна дека целата ситуација на крај кулминирала со повикување на насилство и навреди кон него и неговите блиски.

„Јас никако не сум поврзан со тоа и ќе ве замолам да ме оставите мене и моите блиски на мира. На крај сепак се работи само за боја на клупа“, дополни Сламков.

Принтскрин од онлајн нападите

Радио МОФ ја контактираше и Соња Србова, директорката на Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Стојаково, која потврди дека Сламков никако не е поврзан со „проблематичната“ клупа.

Србова изјави дека шарената клупа е дел од реновација на училишниот двор, која се случила во декември, 2021 година.

„Сме ги поставиле клупите кои се со измешани бои и не се по некаков редослед. Клупите не се направени со цел за провокација, ниту пак сме го имале тоа на ум. Ова е основно училиште и кога се наредија клупите, јас ги прашав наставничките од прво до петто одделение, затоа што тие ја знаат психологијата на мали деца, дали да бидат во една боја. Тие предложија да бидат шарени бидејќи тоа е поинтересно и попривлечно“, посочи директорката.

Дополнително, Србова истакна дека ниту го познава Сламков, ниту знаела нешто повеќе за него пред да се случи нападот на социјалните мрежи.

Според Јована Јовановска, од ЛГБТИ Центарот за поддршка, вели дека во овој конкретен случај има основа за кривична пријава, бидејќи дел од коментарите се говор на омраза кои ги исполнуваат битијата на кривичните дела Загрозување на сигурноста по член 144 и Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем по член 394-г од Кривичниот законик.

Принтскрин од онлајн нападите

Таа забележува дека во ваква ситуација, лицето кое е мета на онлајн говор на омраза да ги зачува пораките, коментарите и заканите и лично, или пак со поддршка на здружение да ги поднесе доказите до  Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.

Истовремено, доколку лицето не се чувствува безбедно, може да побара дополнителна правна помош и поддршка.

„Сè уште нема пресуда за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација“

Јовановска вели дека според досегашното искуство од работата, системот речиси и да не ги штити лицата кои се мета на онлајн говор на омраза.

Таа посочува дека и покрај високиот број пријави кои ги поднеле до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика особено за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, пријавите најчесто не се процесирале и сторителите не одговарале.

„Многу проблематично е што кај овие случаи важно е како подносител да се јави жртвата во постапката, за понатаму случајот да може да се води до крај, па дури по потреба и до Европскиот суд за човекови права, што е исклучително проблематично и тешко со оглед на тоа што жртвите се луѓе од заедницата која не е безбедна, нема доверба во системот, има страв од судски постапки бидејќи живее во страв, ризик од насилство, откривање на идентитетот и слично“, вели Јовановска.

Таа се надоврзува дека доволен показател за тоа како системот (не) ги штити ЛГБТИ луѓето е фактот што во земјава сè уште нема ниту една пресуда за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.

Ивана Смилевска