Во Скопје ЗОО се роди бебе од загрозениот вид белорак гибон

Зоолошката градина во Скопје објави дека се родило бебе од реткиот вид белорак гибон.

„Полот се уште не го знаеме бидејќи не сакаме да ја вознемируваме мама, а бебето има и постара сестричка-Софи, која се роди пред околу две години и за која пишуваа сите светски медиуми, токму поради фактот што гибоните се еден од најзагрозените видови и носењето подмладок на свет е реткост и во природата и во зоолошките градини. Се надеваме дека светот нема да дозволи повеќе овој вид да биде загрозен“, напишаа од Скопје ЗОО на Фејсбук.

Белораките гибони во природата се загрозени на повеќе начини: најприсутна закана е губитокот на нивните живеалишта, односно масовната сеча на дрва, изградба на патишта, земјоделски активности, туризам, шумски пожари, неконтролирано уништување на шумите, изградба на нови села и насади на маслодајни палми…