Во Скопје ЗОО пристигнаа шест нови пингвини од Русија

Три машки и три женски пингвини од видот хамболт се најновите жители во скопската зоолошка градина. Тие вчера пристигнаа од Русија и како што информираат од Скопје ЗОО веќе се адаптираат на новата околина.

„Во време на пандемија, кога транспортот е сложен, а летовите редуцирани, со големи напори успеавме да ги донесеме овие шест нови жители на Скопје Зоо кои ќе им се приклучат на Скипер, Прајвет и Ковалски“, соопштуваат од Скопје ЗОО.

По пристигнувањето на скопскиот аеродром, тие беа пренесени во внатрешниот базен, а по краткиот карантин, ќе биде отворено и надворешното живеалиште.