Популацијата на диви тигри во Непал речиси тројно зголемена од 2009 година

Популацијата на диви тигри во Непал се врати од работ на истребување. Сега има речиси три пати повеќе диви тигри отколку што имаше во 2009 година, соопштија од владата на Непал.

Непалското национално здружение за тигри и плен открива дека сега има 355 диви тигри во државата што претставува зголемување од 190% од 2009 година. Истражувањето се одвивало на 18.928 километри квадратни што е повеќе од 12 отсто од површината на Непал и одредувањето на точниот број на тигри одзело 16.811 дена.

„Тигрите во Непал и во другите 10 земји од Азија каде што живеат беа во постојан пад поради две клучни причини; нелегалниот лов на диви животни и губење на нивното живеалиште“, изјавил за Си-Ен-Ен, Џинет Хенли, заменик-претседателот на Светскиот фонд за дивиот свет во САД.

Хенли објаснува дека во 2010 година било и повеќе од јасно дека популацијата на диви тигри е во опасност и дека популацијата ќе изумрела доколку не се преземело нешто.

Владите на различни земји од светот каде што живеат овие тигри се собраа на состанок во Санкт Петербург каде поставија цел да се дуплира популацијата на тигри до 2022 година.

„Непал беше пионер во пошумувањето на области за да се осигура дека тие предели ќе бидат обновени и одржувани. Кога тигрите созреваат и се оддалечуваат од нивните родители тие треба да се распространат наоколу, а истото е возможно само доколку тие се движат во безбедна средина“, додава Хенли.

Според неа, заштитата на тигрите значи заштита и на другите загрозени видови.

„Ако заштитуваме еден тигар, автоматски заштитуваме и 10.000 хектари од шумата. Исто така, тигрите живеат во некои од најбогатите шуми со јаглерод, и заштитата на овие шуми може да ни помогне да ги ублажиме климатските промени“, забележува Хенли.

Сепак, иако Непал бележи успех во приказната за заштита на дивите тигри, овој вид животни уште во 2000 година исчезна од Виетнам, Камбоџа и Лаос. Во моментов во светот, популацијата на диви тигри брои само 3.900 и истата се смета за загрозен вид.