Во Париз отворено „Весело кафуле“ во кое работат лица со Даунов синдром и аутизам

Сопругата на францускиот претседател Брижит Макрон свечено го отвори првото кафуле во Париз во кое гостите ги послужуваат исклучиво лица со Даунов синдром или аутизам.

На отворањето на објектот „Весело кафуле“ покрај првата дама присуствуваа и многу членови на француската Влада.

„Ги повикувам сите оние кои сакаат да пробаат, на пример, некакво слатко или сендвич да го направат тоа во ‘Весело кафуле’, бидејќи тоа е добро за сечие ментално здравје, нагласи Брижит Макрон на отворањето.

Еден од вработените рече дека работата е „супер лесна“, како и дека сите се весели и имаат доверба еден во друг.

Сопственикот на кафулето, Јан Бикај Ланзерак, планира да развие синџир од вакви локали кои ќе работат под мотото „светот таков каков што е, со сите наши различности“.

Ова е второ вакво кафуле во Франција, откако првото беше отворено во Рен во декември 2017 година.

МИА