Во најтесниот круг за наградата „Драги“ влегоа пет преведувачи, наградата ќе се додели на Филолошки факултет

Од Издавачкиот центар „Антолог“ информираат дека одбрани се петте финалисти во најтесниот криг за најдобар превод – „Драги“.

Петте преведувачи работеле на изданија објавени од три издавачки куќи, а преведувале од пет различни јазици.

Комисијата во состав на Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска – Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач) ги избра следниве дела:

  • Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург во издание на „Артконект“.
  • Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на „Артконект“.
  • Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа во издание на Бегемот.
  • Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс во издание на „Артконект“.
  • Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на „Алеф публикации“.

Од „Антолог“ посочуваат дека досега, иницијативата за оваа награда не била препознаена ниту од државните ниту од локалните институции, а уште помалку од приватниот сектор.

„Наградата го доби своето прво јавно признание од страна на новата деканска управа на Филолошкиот факултет ‘Блаже Конески’ во Скопје. Факултетот станува партнер на „Антолог“ во организирањето на наградата. За организаторот ова претставува исклучително важна соработка. Прво, затоа што Драги Михајловски целиот работен век го помина на овој факултет, а второ затоа што улогата на Факултетот во создавањето на книжевните преведувачи не може да се спореди со улогата на ниедна друга институција во нашата земја“, истакнуваат од Издавачкиот центар.

Двете страни одлучија соопштувањето и доделувањето на наградата „Драги“ да се случи на 2 октомври во 14 часот токму на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со пригодна свеченост во чест на добитникот и номинираните.

За наградата „Драги“ првично беа номинирани 39 преведувачи со книги објавени од 17 издавачи и две приватни изданија. Во првиот круг влегоа 19 преведувачи од 9 издавачки куќи и едно приватно издание.

„Земајќи го предвид нивото на преводот, но и другите параметри важни при појава на одреден превод во друга културна средина (рецензии, влијателност, интерес за авторот, препознатливост, зголемување на интеркултурниот дијалог, итн.) жирито се одлучи годинава со интернационалната награда „Драги“ да биде награденa превeдувачката Александра Јоаниду од Грција за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик, во издание на „Гутенберг“. Станува збор за првиот превод од македонски автор на грчки јазик на кој е наведено дека јазикот на оригиналниот е македонски“, соопштуваат организаторите.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор.