Повеќе од 1.000 извидници ќе се едуцираат и дружат на 13. Македонска смотра во Крушево

Во периодот од 12 до 21 јули ќе се одржува најголемиот интернационален камп на кој ќе учествуваат повеќе од 1.000 извидници од Македонија и странство, доаѓајќи од повеќе од 15 држави од регионот, Европа и светот.

Се работи за 13-та Македонска извидничка Смотра, организирана од извидниците во Ски-центарот на највисокиот град на Балканот – Крушево.

„Сојузот на извидници на Македонија (СИМ), како најголема младинска чадор организација во државата 70 години работи на полето на неформална едукација преку стекнување на здрави животни навики со активности во природа, а обединува членство од повеќе од 3000 деца и млади на национално ниво“, соопштуваат од СИМ.

Според СИМ, се работи за најмасовен, едукативен, авантуристички, повеќедневен камп за деца и млади. Овој уникатен настан оваа година се организира под мотото „Достигни ги височините”.

Генерален покровител на настанот е Претседателот на РС Македонија, Стево Пендаровски, заедно со логистичка поддршка обезбедена од Армијата.

„На оваа смотра учесниците 10 дена заедно ќе живеат во кампот и ќе имаат можност да учествуваат во најразлични забавни и едукативни активности во кампот, во градот Крушево и во градот Прилеп. Тие ќе се запознаат со културата и традицијата, ќе учествуваат во авантуристички активности, ќе имаат можност поблиску да се запознаат со природата и живиот свет како и да научат некои вештини кои ќе им служат понатаму во животот. Сите тие активности имаат за цел до крајот на Смотрата да придонесат за личниот развој на учесниците кои ќе учествуваат во патеките, односно да придонесат во достигнување на индивидуалните височини на секоја млада личност присутна на настанот“, велат од СИМ.

Во рамки на програмските активности, целат да ја претстават Македонија, досегашниот развој на неформалното образование и партнерствата со значајните чинители во државата на најдобар начин.

„Па, искористувајќи ги претпладневните и попладневните часови ги организираме едукативните активности за учесниците во 7 програмски области и тоа: извидништво, култура и традиција, авантура и адреналин, културолошко осознавање на градот Крушево, цели за одржлив развој, здравје и личен развој и природа“, посочуваат од СИМ.

Дополнително, најавуваат дека секојдневната програма ќе биде збогатена со дебати, трибини и панел дискусии на коишто ќе се дискутираат прашања од важност за младите, а ноќната програма ќе сочинува музички репертоар составен од „Суперхикс“, диџеј Гоце САФ и „Day Off“, културно-уметнички манифестации, талент-шоу и филмски вечери поддржани од „МакеДокс“.