Во „Излет“ денеска ќе се собира помош за демонстрантите казнети за боење

Учесниците во „Шарената револуција“ за денеска најавија собирање финансиска помош во кафе-барот „Излет“ за поддршка за демонстрантите за кои има прекршочни и кривични пријави. Собирањето на донациите ќе започне во 13 часот, а ќе трае до крајот на работното време, 1 часот по полноќ.

„ Ако нивното оружје се стравот и казните, тогаш нашето се солидарноста и другарството. Нема да дозволиме нашите соборци сами да ги плаќаат неправедните казни. Нема да дозволиме да бидеме заплашувани на овој начин. Како што досега сложно, рамо до рамо протестиравме, така и сега сложно ќе ги платиме казните“, велат од Шарената револуција.

Настанот се одржува под мотото „Сите за еден и еден за сите!“, а на него се повикуваат сите граѓани да помогнат во споделување на финансискиот товар.

„Шарената револуција продолжува со својата борба за враќање на правдата и демократијата во Република Македонија. Но, за жал оваа револуција не е без своите жртви. Притисоците продолжуваат, заканите и уцените продолжуваат. Кафе бар Излет беше дел од еден од ваквите напади. Нас нема да не исплашат. Ќе ја продолжиме нашата поддршка за сите граѓани кои се борат за еднаквост, правда и слобода!

Но, во изминативе неколку дена, притисоците од МВР се заострија. Само во Скопје се поднесени кривични пријави против 7 од најактивните граѓани – нашите Шарени Командоси. За нив се очекува да добијат огромни парични казни за боењето на Триумфалната порта“, се додава во повикот.

За денеска не е најавен голем протест во Скопје, но на улица ќе излезат граѓаните во Струмица, Радовиш, Валандово, Охрид и Прилеп.