Власта во Грузија го повлече контроверзниот закон за „странски служби“ по масовните протести

Владејачката грузиска партија го повлече контроверзниот предлог-закон за „странски служби“ откако десетици илјади Грузијци два дена по ред излегоа на улиците уверени дека со ваквата легислатива ќе се укинат слободите во земјата.

Во соопштението на партијата стои дека безусловно го повлекуваат предлог-законот поради потребата да се намали конфронтацијата во општеството.

Синоќа полицијата повторно употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите собрани пред зградата на парламентот.


Според предлог-законот сите медиуми и невладини организации кои се финансираат со повеќе од 20% од приходите од странство би се нашле на листата на „странски служби“, што би ги довело во ситуација да се најдат под одредени санкции.

Ваквиот предлог доби голем број критики од грузиското граѓанско општество, медиумскиот сектор и аналитичарите, кои сметаа дека претставува „закана за грузиската демократија“.

По протестите во вторникот беа приведени 66 демонстранти, меѓу кои и лидерот на опозицијата, Зураб Јапаридзе, додека во судирите биле повредени 50 полицајци.

Против законот имаше и бројни критики од меѓународната заедница. Портпаролот на американскиот Стејт Департмент, Нед Прајс, предлогот го нарече „огромно назадување“, додека шефот за надворешна политика на ЕУ, Јосеф Борел, изјави дека тој е „не е во согласност со вредностите и стандардите на Унијата“.

Русија донесе сличен закон за „странски служби“ во 2012 година, кој со годините го прошируваше со цел да се опфатат невладините организации и медиуми кои добиваат финансиска поддршка од Западот.