Владимир Ангелов: Кинотека се спрема за кино на отворено кога ќе бидат создадени услови

Лево од влезот на Кинотека на Македонија, до зелената површина, на објектот е поставено платно. Кинотека се спрема за кино под отворено небо, откако здравствените власти би дале зелено светло за ваков вид собири.

Директрот Владимир Ангелов за Радио МОФ вели дека оптимистичниот план е ова да се оствари некаде во јули, но сè зависи од протоколите за заштита од Ковид-19, кои будно ги следат и ги почитуваат сите мерки.

„Генерално, ние да бидеме спремни, а кога ќе се создадат услови, во вистинскиот момент, да почнеме со кино на отворено. И тоа ќе биде вистинско кино. Ќе градиме кино-кабина, со вистински проектор, со филмови во професионален формат… Можеби звукот нема да биде како во регуларна кино дворана, меѓутоа планираме и машините да ги извадиме надвор“, објаснува Ангелов.

Идејата е таа, вели тој, но се’ зависи и од комисии, вирусот, средства, волја, динамиката на работа…

Владимир Ангелов

„Ова не е нешто ново што го планираме. Лани направивме контролна проекција. Одамна се носиме на идејата дека треба да имаме летно кино. Малку и доцниме, меѓутоа доцнењето е поради тоа што бевме во карантин, па, генерално, немаше луѓе кои можат да работат. Периодов работиме и со намален капацитет. Има луѓе што се со мали деца, па не одат на работа, има луѓе што се хронично болни… Некои од нив се важни за работењето, а имаме многу активности, не е само киното. Имаме и издавачка дејност, дигитализации, сè е тоа во склоп на Кинотека. Но, мислам дека ќе успееме“, потенцира Ангелов.

На Кинотека треба да и се погоди и времето. Со летно кино, вели тој, е малку специфично.

„Се сеќавам дека ‘МакеДокс’ дури го поместија терминот на фестивалот за август. Нели, август е месец со помалку врнежи. Затоа, со кино-кабината би ги заштитиле машините. На кабината, која практично ќе биде дрвена колиба, мора да се стави кров, ребраст лим за заштита од дожд, да се подигне на метро итн“, нагласува Ангелов.

Проекциите би течеле стандардно, секоја вечер. Со тоа што, дополнува тој, ќе мора да се стемни. Во летно време се стемнува подоцна, па и проекциите би стартувале од 20:30 или 9 часот.

„Деновите ќе се смалуваат како ќе одминува летото. Може август, септември, па и октомври, да се прават проекции на отворено во Скопје“, вели тој.

За почеток, веќе имаат обезбедено програма. Кинотека веќе и претходно работела на програмата, планирана за затворено, но сега ќе мора да ја преместат надвор.

„Пример, 100 години од Фелини, годинава мора да се одбележи тој датум. Лани беше 140 години од раѓање на Чарли Чаплин, планиравме годинава да го одбележиме, веќе имаме купено филмови за прикажување. Греота е да не биде одбележано, со сите мерки за предострожност, со сето внимание и почитување на мерки. Така што, ќе го чекаме вистинскиот момент, да бидеме спремни кога ќе се создадат услови. Сега, на почетокот може малку ќе ‘крцка’, сигурно нема да биде се’ идеално, но ќе се обидеме“, констатира директорот на Кинотека.

Бојан Шашевски