Владата одобри милион евра за чистење на линданот од ОХИС

Владата одобри 60 милиони денари (околу милион евра) од Буџетот за 2019 година за чистење на индустрискиот токсичен отпад линдан во поранешната фабрика ОХИС во Скопје.

Средствата утврдени со оваа одлука ќе бидат уплатени на сметката на Канцеларијата за проектни услуги на Обединетите нации (UNOPS), со која македонската Влада и Кралството Норвешка, подготвија план за чистење на ова еколошко жариште.

Истовремено, до 11 ноември ќе биде отворен меѓународниот тендер за избор на технологија за отстранување на HCH отпад (линдан и неговите изомери) од кругот на ОХИС. Како што информираа од Македонското еколошко друштво (МЕД), проектната Канцеларија за неразградливи органски загадувачи (POPs) ја комплетираше документацијата за објавување повик за меѓународен тендер од УНИДО (UNIDO – United Nations Industrial Development Organization).

Целта, велат од МЕД, е да се избере најдобро решение/технологија за деконтаминација на малата депонија со HCH отпад сместена кај ОХИС.

Тендерот е објавен на 15 октомври, а периодот за доставување понуди трае до 11 ноември.