Виничани „мрднаа со прст“ и реновираа спортско игралиште

Членовите од Асоцијацијата за интернационална мобилизација од Виница „мрднаа со прст“ за реновирање на спортското игралиште во гимназијата „Ванчо Прке“.

„На 14 септември, благодарение на иницијативата на младите кои го забележаа овој недостаток, видно се измени теренот, а учениците сега ќе можат да го користат не само за наставните активности туку и за рекреација во слободното време“, велат од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) кои ја поддржуваат иницијативата во рамки на кампањата „Мрдни со прст“.

Иницијаторите потенцираат дека лошата состојба на спортските објекти во Виница е редовна тема на разговор. Жителите со години чекаа на нов, чист и безбеден објект или бар обновување на оние што веќе ги имаат.

Покрај младите, во реновирањето се вклучија граѓаните од Виница заедно со вработените во училиштето кои помогнаа игралиште да стане повторно функционално. Оваа иницијатива опфати обновување на оштетената железна конструкција на кошот кој доби и нова табла со обрач. Но, покрај новиот кош, се интервенираше и во средување на теренот.

„Тоа подразбира оцртување на линиите на теренот, поставување на клупи и корпи за отпадоци за одржување на хигиената околу игралиштето. Задоволни од добро завршената работа, закажан е турнир во кошарка кој ќе биде проследен и со музичка програма во сабота во 16 часот на веќе реновираното спортско игралиште“, велат од иницијативата.

Инаку, главната цел на кампањата „Мрдни со прст“ е да се подигне јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно.