[Видео] Цензура во живо на Пинк и РТС кога се споменува името на заменик-градоначалникот на Белград

„Подготвивме низа поволности за нашите посетители, базенот добро функционира… Но, постои еден проблем, доколку Весиќ Горан го одземе спортскиот центар…“. Ова, скоро три пати, се обиде да го изговори во камера Урош Марковиќ од спортскиот центар „Милан Гале Мушкатировиќ“ но на секој од обидите беше прекинат.

Марковиќ два пати беше прекинат во утринската програма на ТВ Пинк, на секое споменување на заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, додека истото му се случило и во утринската програма на РТС, неколку часа подоцна.

Со овој гест Марковиќ стана ѕвезда на социјалните мрежи, затоа што во директниот пренос на националните телевизии се обиде да даде коментар за тоа што сака Весиќ да направи со популарниот базен „25 мај“, кој е во склоп на спортскиот центар, но, сепак, не успеа.

На ТВ Пинк зборуваше за погодностите кои базенот ги нуди, за веднаш по споменувањето на Весиќ да биде нагло прекинат. Новинарката инсистираше да се вратат на темата, прашувајќи го како функционира базенот.


„Очигледно беше дека на новинарките им беше непријатно, затоа што реагираа како да сум опцул во програмата во живо кога го изговорив името Горан Весиќ. Во двата случаи, чув од слушалките, како им доаѓаат инструкции итно да го запрат вклучувањето, што е само еден во низата докази за она што со месеци не предупредуваат и „Фридом хаус“, „Репортери без граници“ и Европската Комисија, а тоа е дека медиумската слобода во Србија е многу загрозена, што е една од причините зошто луѓето се на улица веќе седум месеци“, изјави Марковиќ, за „Данас“.


Марковиќ вели дека за весникот го изјавува она што не успеал да го каже на националните телевизии.

„Фактите кои не ми дозволија да ги кажам се однесуваат на одлуката на Општината со која се основа фирма „25. мај – Милан Гале Мушкатировиќ“, што е вовед во одземањето на спортскиот центар од општината Стар Град од страна на Горан Весиќ и партиските активисти. Намерата да се преземе управувањето со спортскиот центар како што општината ги одзема бројните надлежности, управувањето со работниот простор и драстично намалениот буџет“, истакнува Марковиќ.

Корисниците на социјалните мрежи и бројни медиумски работници вчера ја осудија непрофесионалноста на новинарите од Пинк и РТС поради прекинувањето на соговорникот, нагласувајќи дека е во прашање отворена цензура, односно автоцензура, поради стравот од споменување на името на Весиќ и било каква критика на власта.