Вечерва се отвора 9. Скопје постер фестивал

Со почеток од 20 часот во Музејот на град Скопје вечерва (21 ноември) официјално се отвора деветтиот Скопје постер фестивал.  Студенти и професионалци дизајнери од светот, во наредните неколку дена, ќе творат во рамки на фестивалот организиран од Здружението на графички дизајнери „ПлакАрт“.

На фестивалот ќе се одржуваат професионални работилници и ќе се изработуваат дизајн решенија на теми „Дизајнирање постер за џез настан“, „Македонија како туристичка дестинација“ и „Дизајнирај влијателен социјален плакат“.

„9-тиот Скопје Постер Фестивал, повторно, е домаќин на признаени светски графички дизајнери и студенти. Вечерва ќе ги дознаеме официјалните победници на овој фестивал, кој нуди културна преобразба на Скопје, плакати со уметничка вредност и нивна промоција, како и едукација на студентите и на професионалните дизајнери преку работилници организирани од членовите на жири комисијата“, рече Гере Трипков, организатор на настанот и претседател на Здружението „ПлакАрт“.

Во рамки на овогодишниот фестивал ќе се организира изложба на победниците на 8-от меѓународен Скопје Постер фестивал на тема „Сите за луѓето со попреченост“ и изложби на членови на жири комисијата.

Комисијата, составена од пет меѓународни судии, вечерва ќе ги избере победниците на овогодишниот постер фестивал. Тоа се познатите Мишел Буве (Франција), Фонс Хикман (Германија), Фин Нигард (Данска), Ришард Каја (Полска) и Тони Васиќ (Македонија). Ќе бидат доделени 10 награди: две главни награди од ист ранг, 1 специјална награда и 7 почесни награди.

Поттикот за изборот на темата, велат од организацијата, е потребата од реакција против етничката, културната, верската, возрасната и половата подвоеност, па следствено на тоа врз идентитетските прашања е фрлено поинакво светло.

Изложени ќе бидат и плакати изработени во рамки на работилниците за деветтиот Скопје постер фестивал, а како најголема изложба на овогодинешното издание, ќе бидат изложени и постери од членовите на жирито, Фин Нигаардс, Фонс Хикман, Мижел Був, Ришард Каја и Тони Васиќ.

Влезот е бесплатен.