Утре започнува Крик – фестивал за критичка култура

Со почеток од петок (18.11), до 8 декември во Скопје ќе се одвива Крик – фестивал за критичка култура. Фестивалот го организираат Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики, во рамки на проектот Проширено естетско образование реализиран во соработка со: Мултимедијални институт (Загреб), kuda.org (Нови Сад), Контрапункт (Скопје), Berliner Gazette (Берлин) и Културтрегер (Загреб).

КРИК (критика – реакција – идеја – конфронтација) има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст. Воедно, ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање на општествените процеси. Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат критичка дебата во јавната сфера преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми: човекови права, право на култура, идентитетски прашања, насилството во јавната сфера преку политичкиот и економскиот апаратус, како и зајакнување на заедниците преку културни и уметнички практики.

„Затоа започнуваме со КРИК, кој ќе застанe во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор. КРИК е платформа низ која ќе се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, помеѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба. Со КРИК сакаме да ѝ се спротиставиме на „културата на тишината“ промовирајќи критички дијалог, нови форми на пласирање и примена на знаењето, на современата меморија и актуелната политичка историја, отворајќи можност за постојани општествени трансформации“, пишуваат организаторите на фестивалот.

Првото издание на фестивалот ќе има два тематски фокуси: „архиви на насилството“ и „од дијаспора до различности“.

Комплетната програма на Крик може да се најде на наредниот линк.